Два концерти во паркот „Ибни Пајко“ во рамките на проектот „Култура во време на корона“

Вечерва во 20 часот во паркот „Ибни Пајко“ концерт ќе одржи музичарот Мартин Мила, а во 21 часот на истата локација, настап ќе има квартетот „Агни Авшар“.

Овие две нови изведби се во рамките на програмата „Култура во време на корона“.

За потсетување, Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13 април објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.

Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.

Нивните настапи ќе бидат стримувани на фејсбук-страницата на Град Скопје, како и на нивниот „Јутјуб“ канал.