fbpx

Два и пол месеци нема безбедносни сертификати за судијките поротнички во „Пуч“

-

И по два и пол месеци, двете нови судијки поротнички во случајот „Пуч“ сè уште немаат добиено безбедносни сертификати, потврдуваат за „Мета“ од Кривичниот суд.

Од добивањето на безбедносните сертификати за поротничките зависи датумот за следното рочиште за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски, а кој сè уште не е почнат.

На последното рочиште, кое се одржа на 1 ноември минатата година, судијката Љубинка Башеска соопшти дека во судечкиот совет се назначуваат две нови судијки поротнички кои немаат безбедносен сертификат и дека по ургенција на судот е почната постапка за издавање на сертификатите. Башеска рече дека не може да се знае до кога ќе трае процедурата за издавање на сертификатите и поради тоа го одложи судењето на неодредено време, а датумот кога тоа ќе се одржи рече дека ќе биде дополнително објавен.

Ова беше и причина за жестока кавга меѓу Башеска и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која го обвини судот дека не смее да го одложува судењето на неодредено време.

Инаку, безбедносни сертификати издава Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, по извршени безбедносни проверки на лицата кои ќе поднесат барање за сертификат.

Постојат четири степени на класификација на информациите, односно државна тајна, строго доверливо, доверливо и интерно.

Според членот 45 од Законот за класифицирани информации, во зависност од степенот на класифицираната информација за која е поднесено барање за издавање безбедносен сертификат, се врши безбедносна проверка соодветна на степенот на класифицираната информација и тоа:

  • од прв степен за информација класифицирана како „доверливо“;
  • од втор степен за информација класифицирана како „строго доверливо“;
  • од трет степен за информација класифицирана како „државна тајна“.

Според членовите 50 и 51 од Законот, безбедносни проверки вршат надлежните служби на Министерството за внатрешни работи за сите лица и надлежните служби на Министерството за одбрана (за воените и за цивилните лица во служба во Армијата на Република Македонија), а можат да траат најмногу од еден до шест месеци.

Постапката за спроведување на безбедносна проверка трае најмногу до:

  •  еден месец за безбедносната проверка од прв степен;
  • три месеци за безбедносната проверка од втор степен;
  •  шест месеци за безбедносната проверка од трет степен.

Во посложени случаи или поради вонредни околности, роковите може да бидат двојно продолжени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...