Владата на вчерашната седница донела одлука да се склучи јавно-приватно партнерство со кое два хеликоптера од приватна фирма ќе пружаат брза помош на граѓаните и ќе вршат спасувачки операции. Како што соопштија од Владата, Хеликоптерскиот итен медицински систем (ХЕМС) и хеликоптерските услуги за пребарување и спасување (САР) ќе ги води САРХЕМС ДООЕЛ Скопје, која била избрана по јавен повик.

„Најдоцна за шест месеци по потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство, компанијата ќе стави на располагање два хеликоптера опремени за давање медицински услуги за прва помош и за пребарување и спасување бесплатно за граѓаните на Северна Македонија, кои најмногу за 15 минути треба да бидат на местото каде што треба да биде извршена интервенцијата“, се вели во владиното соопштение.

Фирмата за услугите ќе ѝ наплаќа на државата, а истовремено ќе треба да плаќа одредена сума во државниот буџет како надомест за јавно-приватното партнерство. Двата хеликоптера, хелиодромите и другата опрема за извршување на оваа дејност, по истекот на договорот во рок од 8 години, остануваат во сопственост на државата.

Помеѓу другите одлуки на вчерашната седница, прифатени се серија предлог-закони за намалување на сообраќајните казни, кои би требало да се движат во распонот од 15 до 250 евра, освен казните за животозагрижувачки прекршоци, кои остануваат исти. Исто така, се укинува мандатниот платен налог, односно сите платни налози ќе бидат прекршочни.

Со усвоените измени на законите, ќе се уреди и учеството на електричните тротинети во сообраќајот, односно ќе се одреди каде ќе се движат, заштитните средства што ќе мора да се користат при нивното возење, како и возрасната граница за управување.

Покрај тоа, се предвидува времено одземање на возило кое предизвикува голема бучава и го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и на возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци.

На вчерашната седница Владата донела одлука за 25 отсто да се зголемат платите на вработените во јавните научни установи. Со мерката, почнувајќи од октомври, ќе биде зголемена платата н а 210 научни работници и вработени во седум научни институти.