Дупер и Matej Foltz: Пандемијата не ги запре младите артисти да создаваат нови дела

Дупер и Матеј Фолтз

Со музика, книги, учење и многу работа, момците од бендот Дупер се бореле со карантинот, кој беше една од мерките во справувањето со пандемијата на коронавирусот во државата. Борис и Илчо се членови на скопскиот дует кој пред околу две години ја размрда македонската музичка сцена со хитот „Не сум твој тип“. Оттогаш, патот до успехот го чекореа со уште неколку песни и проекти.

Во разговор за Мета.мк велат дека пандемијата им предизвикала нерамнотежа во животот и кариерата, но се надеваат дека во најскоро време сè ќе се врати во нормала.

„Времето го поминуваме во круг со најблиските дома и другарите. Гледаме да намалиме на дружење, иако некако тешко ни доаѓа со оглед на возраста. Се снаоѓаме, свириме, читаме, учиме, одмараме и работиме. Правиме од сè по нешто. Ни се променија плановите и навиките, но се прилагодуваме“, велат тие.

Дупер
„Дупер“ / Фото: Лична архива

Карантинот и ситуацијата која бараше што поголем дел од времето луѓето да го поминуваат дома, кај сите млади влијаеше различно, некаде повеќе позитивно, кај други негативно. Дупер времето го искористиле за творење и подготовка на нови проекти. Велат дека им недостасуваат настапите. Во план имале неколку за овој период, но биле приморани да ги одложат.

„Додека комуницираме, ние работиме на музика, а никогаш не престануваме да комуницираме. Ако не можеме да се видиме, тоа го правиме на интернет. Сакаме што поскоро да ги завршиме проектите кои ги почнавме и се трудиме да не губиме време воопшто. Како алтернатива, онлајн настапите се супер идеја, но не можат да ја заменат живата интеракција со публиката. Штом се пружи прилика за настап, ќе нè гледате на сцена“, додаваат од Дупер.

Пред еден месец излезе „Сменета“, песна која е резултат на нивната прва соработка со младиот Matej Foltz.

„’Сменета’ ја работевме скоро година дена и се случи многу спонтано. Бевме излезени за да се видиме и додека чепкавме идеи на компјутер, дојдовме до мелодиите и музиката за песната. После тоа следуваше долг процес на измени за да ја најдеме вистинската форма“, велат тие.

Песната требаше да биде завршена пред карантинот, но случувањата ја одложија, додава дваесет и едногодишниот Матеј Милутин, познат како Matej Foltz.

„Најпрво ја извадивме темата, потоа имаше демо, го напишавме текстот и сè требаше да се заврши пред карантинот, но истиот ја одложи. Имаше уште некои работи кои требаше да се досредат. Карантинот на крај го искористивме да ги довршиме подготовките, и сето тоа се исплати, затoа што сите бевме дома и сите бевме спремни да се фокусираме на соработката“, вели Matej Foltz.

За Мета.мк, тој тврди дека самоизолацијата му влијаела позитивно. Во целата ситуација пронашол инпирација и за нови проекти.

Матеј Фолц
Matej Foltz / Фото: Лична архива

„Кога започна карантинот, не беше тешко, но беше чудно, несекојдневно. Првите неколку денови се обидував да пишувам, но не одеше како што сакав или планирав. Како што поминуваше времто, почнав да се навикнувам на изолацијата и сфатив дека повеќе ми одговара да бидам дома, да бидам затворен. Сето тоа ми годеше. Деновите кога важеше забраната за излегување ми годеа. Инспирација ми беше карантинов, бидејќи дистанцата од многу случувања произведе и подистанцирани текстови. Едноставно бев сам со себе“, вели тој.

Иако му пропаднале плановите, тоа му помогнало да ги заврши работите што долго време ги одложувал. Ги почитува мерките на заштита и претпазливост, а најголемиот дел од времето вели дека го поминува со мајка му.

„Поголемиот дел од времето го поминувам дома со мајка ми. Кога излегувам, а тоа се случува ретко, се гледам со блиски луѓе. Се трудам да сум во сигурни кругови“, додава Матеј.

Младите артисти сметаат дека самоизолацијата помогнала во инспирирањето и очекуваат периодот да донесе добри проекти и квалитетна музика.

Матеј Фолтз
Лична Архива на Matej Foltz

„Мислам дека целата ситуација влијаеше позитивно, затоа што на сите нас ни дава време да се посветиме на тоа што сакаме навистина да го кажеме, без да избрзуваме. Целата ситуација ја чувствувам како slow motion, како малку да застана времето и сметам дека тоа помага. Барем мене ми помогна. Како што видов и од други артисти, наши, но и светски, сите сега вадат многу повеќе песни од што ваделе претходно. И мислам дека треба да има песни, бидејќи во едно вакво време тие се светлата точка, а светла точка е потребна секому“, завршува Матеј.