Демократската унија за интеграција (ДУИ) испратила писмо до САД, Европската Унија и НАТО, во кое ги повикува на решителна акција за, како што пишува, да се спречи поткопување на мирот и дестабилизација на земјата. Писмото што го објави Телевизија 21 е испратено пред претстојната седница на Уставниот суд закажана за во среда, на која треба да се разгледува уставноста на делови од Законот за употреба на јазиците.
ДУИ во писмото изразува загриженост дека Уставниот суд може да укине осум одредби од законот, што, според нив, во ризик ја става меѓуетничката хармонија.
„На 11 декември, Уставниот суд на Северна Македонија се очекува да ги разгледа иницијативите кои ја доведуваат во прашање уставноста на клучните одредби од Законот за јазиците. Постои основана загриженост дека Судот може да укине до осум одредби, со што ќе се загрози интегритетот на законот и ќе се подријат самите темели на Охридскиот договор. Ваквата одлука би ги поништила годините напредок, ризикувајќи меѓуетничка хармонија и дестабилизирање на кревкиот баланс што ја одржуваше земјата обединета“, стои во писмото на ДУИ испратено до САД, ЕУ и НАТО, а кое го објави ТВ 21.
Загрозувањето на Законот за јазиците не би било само предавство кон албанската заедница, туку би испратило и опасна порака дека договорите постигнати со голем труд, може да се поништат, се вели во содржината на писмото.
„Тоа би ја поткопало довербата во државните институции, би ги засилило меѓуетничките тензии и би создало простор за дестабилизирачки актери кои сакаат да ги искористат поделбите во земјата“, пишува во писмото.
ДУИ ги повикува САД, ЕУ и НАТО на акција. Велат дека „загрозувањето на Законот за јазиците“ не е само внатрешно прашање, туку и прашање на регионалната стабилност и веродостојноста на меѓународните заложби за мир и соживот.
„Стабилноста на Северна Македонија е столб на безбедноста на Западен Балкан, а нејзината кревкост може да има широки последици за целиот регион“, велат од ДУИ во писмото.
„Силна и јасна потврда за важноста на Договорот и Законот за јазиците е потребна сега повеќе од било кога. Дипломатскиот ангажман со сите страни е од суштинско значење за да се спречи одлука што би го поткопала мирот, би ја дестабилизирала земјата и би го загрозила евроатлантскиот интегративен процес на Северна Македонија“, се додава во него.
Законот за употреба на јазиците ќе се најде на седница на Уставниот суд во среда, на 11 декември. Уставните судии Осман Кадриум и Насер Јадани најавија дека ќе ја бојкотираат седницата.
Од Уставниот суд вчера рекоа дека нема да го коментираат прашањето.
„Судот нема да коментира ничии ставови. Седницата на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември. По завршување на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите ваши прашања“, изјавија од Уставниот суд.
Законот за употреба на јазиците беше донесен во 2018 година и со него се прошири службената употреба на албанскиот јазик.