Прочистувањето на избирачкиот список, гласањето на дијаспората и изборот и надлежностите на Државната изборна комисија денеска се тема на преговорите на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино, кои почнаа точно напладне, во Клубот на пратеници во Скопје.
Како што се дознава, единствено приближување на ставовите има за изборот на членови на ДИК, кои ќе се избираат по формулата „три плус три плус три“, односно тројца членови ќе бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив ќе им се приклучат тројца експерти кои ќе бидат избрани со двотретинско мнозинство во Собранието.
Сите други прашање не се мрднати од мртва точка.
„Мета“ дознава дека ДУИ не се согласува со активна регистрација на гласачите, предлог кој е, пак, прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Тие сметаат дека нема време за такво нешто и предлагаат споредбено вкрстување, односно прочешлување на избирачкиот список според податоците од МВР, од социјалните и од здравствените служби и од Заводот за статистика. Извори од партијата велат дека нема да отстапат од овие барања затоа што многу е краток периодот до изборите за да може да се изврши целосен попис на гласачите.
Исто така, се дознава дека партиите сè уште се далеку од договор за гласањето на дијаспората.