ДУИ ќе го повлече кампот од местото на кое што пред неколку дена во општината Бутел беа поставени темели за изградба на 55-метарски железен крст, најави градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.

Тој рече дека кампот ќе го повлечат поради христијанскиот празник Задушница, па не сакаат да поттикнат какви било меѓуетнички тензии, бидејќи многу Македонци утре ќе одат на гробиштата во Бутел.

Меџити рече дека проблемот ќе го решаваат во духот на Рамковниот договор и на Бадентеровото правило. Тој додаде и дека со меѓународните институции ќе се разговара за да се надмине овој проблем.

Попладнево неколку стотици Македонци се упатија на контрапротест кај кружниот тек во Бутел, каде што беа поставени камповите на ДУИ, но полицијата не им дозволи никаков близок контакт.

Од МВР, пак, соопштија дека околу 20 часот, кога демонстрантите се обиделе да го пробијат кордонот, со тврди предмети се повредени тројца полицајци од кои двајца се префрлени во Ургентниот центар во Скопје.