ДУИ, ДПА и СДСМ не поднесоа листи на кандидати за членови на избирачките одбори, неофицијално информираат од Државната изборна комисија (ДИК). Вчера до полноќ, до кога беше и последниот рок да се поднесат кандидатски листи, тоа го стори само ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува, пак, на избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва, од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, сепак, поднеле предлози за членови.
Во ваков случај, ако се остане на ставот да се одржат избори, процедурата налага членовите на избирачките одбори да се пополнат од редовите на администрацијата.
Според Изборниот законик, двајца од вкупно пет членови се избираат од редовите на најголемите политички партии на власт и во опозиција и во зависност од етничкиот состав на избирачкото место.
Според роковникот на ДИК, политичките партии се должни да ги достават листите за пратеници најдоцна до 11 мај.
Изборната кампања почнува на 16 мај, а завршува на 3 јуни.
Завчера, пак, беше последниот ден за собирање потписи за предлог на листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија од група избирачи за изборите на 5 јуни, но до подрачните одделенија на ДИК не пристигна ниту една листа.
Од ВМРО-ДПМНЕ сè уште стојат на ставот дека избори ќе се одржат по секоја цена на 5 јуни, СДСМ тврди дека ќе ги бојкотира, а ДУИ и ДПА тактизираат и не даваат прецизен одговор.