Претставници на водечки компании беа дел од форумската дебата „Дуално образование – конекцијата помеѓу компаниите и студентите“, што се одржа на Хајделберг Факултет во Скопје. Присутни беа голем број студенти, но и заинтересирани кандидати за упис кои заедно со нивните родители сакаа да дознаат нешто повеќе за придобивките од дуалното образование.
Панелистите заклучија дека мора да постои култура на доживотно учење, односно работните кадри и младите луѓе треба постојано да инвестираат во себе.
Сања Стратрова Михајловски, раководител на одделение за обука и кариерен развој од Шпаркасе банка вели дека на неодамнешна средба со студенти испратила порака дека „учењето никогаш не завршува, особено во време кога сѐ се движи брзо“.
„Ние сме банка која е насочена кон младата популација и кон развојот на комуникациските вештини. Младите ни носат една друга динамика, тие доаѓаат со поинакви вештини кои и мене ме мотивираат“, рече Стратрова.
Татјана Лопарски, директорка на Елемент ПР и професорка на Хајделберг, вели дека убавината е во тоа што на овој начин се соединуваат учењето и праксата.
„Многу од работите се менуваат со вештачката интелигенција и затоа треба да се прави дополнителен напор кадрите да се обучуваат. Хајделберг е одлучен пример за соединување на теоријата и праксата. Студентите работат на канали кои во мое време не постоеле, како што се ТикТок, Спотифај и други, и овој спој ја прави нашата тимска работа уште поуспешна“, рече Лопарски.