Министерството за образование и наука (МОН) две години не плаќа за бесплатниот превоз на студентите. За секој извозен километар на автобусите на ЈСП Скопје се прави трошок од два денари, а приход од еден денар. Субвенционирањето од Град Скопје во висина од над 673.000 денари не е доволно за претпријатието да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје.
Ова се заклучоците на Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на финансиските извештаи на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ – Скопје за минатата година.
Ревизорите констатирале неправилности и неусогласување во работењето на ЈСП, па поради тоа изразуваат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година, како и за усогласеноста со законската регулатива и воспоставените политики.
Државниот завод за ревизија утврдил дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на МОН за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека ЈСП Скопје продолжува да ја исполнува законската обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Немањето средства од МОН, според ревизорите, влијае на континуитетот на услугата.
Ревизорите утврдиле и дека поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80% во текот на месецот.
„Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП „Скопје“ во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата. Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари, што може да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз“, се вели во ревизорскиот извештај.
Понатаму, во 2021 година, ЈСП Скопје склучило договор и анекс за обезбедување на комуникациска инфраструктура и E-Cloud платформа за системот на јавен градски транспорт, вреден над 142 милиони денари. Со ревизијата биле констатирани значителни слабости во исполнувањето на обврските: сигналот за следење на автобусите се губел, а електронските билети и апликациите за мобилните телефони не биле навремено ажурирани, поради што патниците се жалеле за повеќекратна наплата на билети.
„И покрај неисполнувањето на обврските од страна на економскиот оператор, ЈСП „СКОПЈЕ“ не преземало мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури во износ од 30.854 илјади денари за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Забелешки има и Милениумскиот крст – објект кој Владата во 2013 година со одлука му го додели на Град Скопје за трајно користење без надомест, а Советот на Град Скопје му го даде за користење на ЈСП. Според ревизорите, ваквата одлука не е во согласност со законските одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и ствари во општинска сопственост.
Според договорот, ЈСП Скопје се обврзува да го финансира и одржува објектот, како и да го промовира како значајно туристичко место во градот, но со извршената ревизија било констатирано дека од 2018 до 2024 година, Милениумскиот крст немал технички прием и не бил пуштен во употреба, иако дел од него се користи, што, според ревизорите, доведува до руинирање на објектот и ја загрозува неговата наменска употреба.
Констатирани се неправилности и во начинот на утврдување и пресметка на бруто платата на вработените поради неправилна примена на законските прописи и колективниот договор со кои се регулира начинот на пресметка и исплата на плата и надоместоци на плата.
Со години наназад, на 2 денари остварен трошок по километар, ЈСП Скопје остварувало приход од 1 денар, што има големо влијание на солвентноста и ликвидноста на претпријатието.
„И покрај субвенционирањето од страна на основачот – Град Скопје во вкупен износ од 673.870 илјади денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП ’СКОПЈЕ’ не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје“, се вели во заклучокот на ревизорскиот извештај.
Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на тешкотиите и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, кон обезбедување на континуитет во функционирање на дејноста, подобрување на квалитетот и ефикасноста во извршувањето на јавниот превоз, подигање на еколошките стандарди, односно кон остварување на мисијата на претпријатието – обезбедување на квалитетни, навремени и сигурни услуги.