Комисија, а не Владата, ќе ги бира високите раководители во институциите од кандидати-професионалци, но не во целиот јавен сектор. Промената, заедно со првпат пропишана дисциплинска одговорност за раководители, е предвидена со предлог-законот за висока раководна служба, што Владата го усвоила вчера на својата 169. седница.

– Ова е тектонска промена во начинот на избор на лица на високораководни позиции. Досега не постоеше единствен закон во кој се уредени правилата за именување, односно назначување на високата раководна служба. За секретарите имаше регулација во Законот за административни службеници, додека за директорите во 123 посебни закони. Овие закони беа нецелосни, односно не содржеа одредби за постапката за отворен и фер натпревар, за селекција ниту пак критериуми за избор на најкомпетентен кандидат за раководна позиција – рече Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, кој денеска го промовираше законот.

Целта на законот, според Владата, е да се воспостави „високата раководна служба заснована на начелото на стручност и заслуги, како механизам за подобрување на организациските капацитети и зајакнување на доброто управување во институциите на јавниот сектор, со што едновремено ќе се направи јасна разлика помеѓу политичките избрани и именувани лица и администрацијата“.

Законот опфаќа две категории високи раководители: извршни секретари и извршни директори. Тие ќе се бираат од кандидати-професионалци, а ќе ги бира комисија со мандат од 5 години, за да опфати период на владеење на два различни состава на Владата. Членовите на комисијата, пак, ќе се бираат од лица кои четири години не се поврзани со политика,треба  да имаат 15 години стаж во човечки ресурси, да се стручни и  да можат да се спротистават на политички и корпоративни влијанија. Сослушувањето на  кандидатите за во оваа комисија ќе се врши јавно и ќе се емитува на собранискиот канал.

Но, законот нема да се однесува за сите раководители во јавниот сектор.

„Законот нема да се применува во: судството, јавното обвинителство, институциите од областа на безбедноста, следењето на комуникациите, разузнавањето, одбраната и Армијата на Република Северна Македонија, Дипломатско – конзуларните претставништва,Општините, градот Скопје или општините во градот Скопје и од нив основаните јавни претпријатија, јавните установи и регулаторните тела.“, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА)

Во верзијата на нацрт-законот објавена на 8 март на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), пак, е предвидено извршни секретари да добијат Генералниот секретаријат на Владата, Државното, Секретаријатот за законодавство, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Инспекцискиот совет, министерствата, општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Извршен директор, според оваа верзија на текстот, требало да добијат самостојните органи на државната управа, органите во состав на министерствата, јавните претпријатија, јавните здравствени установи и акционерските друштва во целосна државна сопственост.