fbpx

Државниот врв свечено го одбележа јубилејот 30 години монетарна самостојност на Македонија

-

Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерката на Народна Банка Анита Ангеловска-Бежоска и бројни претставници на државните институции на Свечена академија го одбележаа јубилејот 30 години од монетарното осамостојување на Македонија.

Пред 30 години, на 26 април 1992 година, беа поставени основите на монетарната самостојност. Пред македонските граѓани беа претставени банкнотите на новата македонска валута ‒ денарот, кој стана нашата парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка. Со ова беше целосно заокружена независноста на нашата држава.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање рече дека со политиките на воспоставување на стабилен курс на денарот, централната банка во тоа време одигра силна улога во зацврстувањето на темелите на нашата независност и државност, инфлацијата беше стабилизирана, банкарскиот систем започна да закрепнува, а, беше оформена и позначајна сума на девизни резерви како клучен аспект на девизната ликвидност на земјата.

Осврнувајќи се на сегашноста, Пендаровски нагласи дека довербата во нашата валута за жал, во континуитет се поткопува и од фактори кои стануваат се потешки за контрола.

„Зборувам за хибридните закани, меѓу кои најопасни се дезинформациите кои се широко застапени и сѐ поинтензивно се појавуваат на социјалните мрежи. Сведоци сме, особено во последнава година, дека Народната банка беше таргетирана со многубројни лажни вести со единствена цел, да креираат паника меѓу граѓаните, несигурност и недоверба во системот. Меѓутоа, мораме да констатираме дека нашата централна банка досега успешно ги води тие битки и навремено реагира на сите вести кои пласираат невистини“ рече Пендаровски. 

Претседателот додаде дека изминативе две години, поради пандемијата, а сега уште позасилено поради руската инвазија во Украина, ние, но, воопшто и Европа и светот, се соочуваат со економска и енергетска криза, ценовни шокови и инфлација. Но, и во вакви сложени услови, институциите на државата функционираат на стабилизирачки начин, со што ја оправдуваат довербата на граѓаните.

„Водечка институција во таа смисла е Народната Банка на Република Северна Македонија која водеше, и води ефикасна монетарна политика за време на сите овие кризи, со што испраќа јасни сигнали до економските фактори, што, пак, повратно влијае стабилизирачки во однос на состојбите на пазарот и инфлаторните движења“ рече Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека интеграцијата на нашиот во европскиот финансиски систем ги подобри можностите за финансирање на нашите институции на странските и домашните пазари на капитал. Европската комисија оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка, се во согласност со стандардите на ЕУ.

Тоа го потврдува, нагласи Ковачевски, институционалниот капацитет на банката којашто со соодветен монетарен инструментариум ја одржува стабилноста на денарот.

„Претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, имаат доведено до непрекинат раст на девизните резерви. Девизните резерви денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс. Народната банка на Северна Македонија беше значаен фактор за справување со тогашната глобална финансиска криза и постојаната комуникација со Владата за координирано усогласување на владините политики за соочување со ризиците од актуелната криза, даваат резултати“, рече премиерот.

Според него, Народната банка преку своите политики испорача соодветни одговори на тековните економски предизвици, предизвикани од продолжената пандемија и воениот конфликт во Украина.

„На ризиците од овие фактори на глобалната економска криза, Народната банка реагираше со умерено зголемување на каматната стапка, со цел стабилизирање на инфлациските очекувања во домашната економија. На ваков начин, централната банка придонесува за одржување на макроекономската стабилност, во услови на последователни надворешни шокови. Потврда за добрите економски политики, стигна и преку последната препорака на Меѓународниот монетарен фонд нашата земја да добие пристап до финансиски средства во рамки на Кредитната линија за ликвидност и претпазливост. Ова е дотолку позначајно заради фактот што овој финансиски инструмент се става на располагање само на земји со здрави економски фундаменти и кои практикуваат и се очекува да практикуваат, здрави економски политики“, нагласи Ковачевски.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во писменото обраќање по повод 30 години од монетарното осамостојување се заложи дека денарот ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“.

„Стабилноста на денарот и финансиската стабилност беа зачувани и во налетот на најострата економска криза, предизвикана од пандемијата на вирусот ковид-19. Народната банка беше еден од столбовите коишто ја задржаа стабилноста на целиот економски систем, остварувајќи ги своите мандаторски цели, давајќи ѝ поддршка на економијата преку соодветни политики и мерки. Нема да згрешам ако речам дека по оваа криза, станаа посилни и економијата, и институциите коишто се дел од економскиот систем. Народната банка уште еднаш ја потврди определбата за задржување на стабилноста на денарот и тој и во иднина ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“, наведе Ангеловска-Бежоска во обраќањето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...