Над 40.000 вработени во македонската државна администрација на 14 декември ќе се приклучат на масовната акција за чистење ѓубре во главниот град и ширум државата. Административците ќе ги чистат јавните површини во периодот од 9 до 12 часот. Здравствените работници, наставниците и негувателите во градинките ќе го чистат кругот на јавните установи каде што се вработени, информираше министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски на денешната прес – конференција.
Административците ќе се приклучат на иницијативата „Не биди ѓубре“, која што има за цел да ги исчисти градовите од расфрланото ѓубре. Владата формирала работна група за успешно спроведување на акцијата. Министерот Манчевски посочи дека ќе бидат обезбедени соодветни алати и механизација на локациите каде што ќе бидат потребни. Со масовната акција, вработените во државните институции ќе го одработат 2 јануари 2020 година, којшто беше прогласен за неработен ден за државната администрација.
– Ова ќе биде масовна акција за чистење која планираме да стане традиционална, со која вработените во државните институции ќе помогнат во зачувувањето на животната средина – изјави министерот Дамјан Манчевски.
На акцијата под мотото „Чистиме со Не Биди Ѓубре“ се очекува да се вклучат сите заинтересирани граѓани. Чистењето ќе се одвива на повеќе локации во Скопје, како и во другите градови низ земјава.