Државата повеќе добива од даноците отколку што троши за заштита на животната средина [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Растат приливите во државната каса од даноците за животна средина. Во 2019 година во буџетот се слеале 219.084.552 евра, односно била платена рекордна сума на даноци во споредба со претходните години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Една година претходно, во 2018 година биле инкасирани 209.190.164 евра, додека во 2014 година по овој основ во државниот буџет се слеале над 70 милиони евра помалку во споредба со 2019 година. Притоа, учеството на даноците за животна средина во бруто-домашниот производ е 1,9 отсто, што е ниво задржано во изминативе неколку години.

Во земјава во 2019 година најголем пораст на вредноста е забележана кај даноците за енергенти во секторите Рударство и вадење на камен и Градежништво. Ваквото зголемување е резултат на зголемените акцизи на горивата. Во 2019 година, најголемо учество во даноците за животната средина имаат даноците за енергенти со 64,6 отсто, по што следат даноците за транспорт со 34,2 отсто и даноците за загадување со 1,2 отсто.

И покрај тоа што приливите по овој основ во државната каса во континуитет растат, еколозите и граѓанските активисти со години го поставуваат прашањето зошто овие средства во целост не се трошат на заштита на животната средина.

Наспроти ова, вкупните инвестиции и трошоци во заштита на животната средина во 2019 година изнесувале 123,2 милиони евра, при што најголем дел од инвестираните средства доаѓаат токму од индустријата и специјализираните производители, кои учествуваат со 60,39 отсто во вкупната сума. Сите останати сектори во земјава, вклучувајќи ги централната власт и општините, во инвестиции и трошоци за заштита на животната средина вложиле само околу 48,8 милиони евра во 2019 година.

Според достапните податоци од веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, буџетот на ова министерство за 2019 година изнесувал вкупно 830.970.000 денари или 13,5 милиони евра. Со ребалансот на буџетот пред две години ова министерство добило 689.670.000 денари, односно 11,2 милиони евра од државниот буџет, додека останатите средства биле од самофинансирачки активности, заеми и донации.

Граѓанските активисти и еколозите секоја година редовно критикуваат дека собраните даноци за животна средина се за неколку пати поголеми во споредба со буџетските средства што се одвојуваат за заштита на животната средина, односно за намалување на загадувањето на воздухот, почвите, водите и заштита на шумите.

За време на донесувањето на годинешниов буџет, граѓанската „02 Иницијатива“ во декември лани критикуваше дека собраните даноци за животна средина се за 10 пати поголеми од средствата одвоени за нејзината заштита во буџетот за 2021 година. Владата при претставувањето на државниот буџет првично информираше дека во 2021 година за заштита на животната средина ќе бидат предвидени 1,4 милијарди денари или над 22,7 милиони евра.

Во меѓувреме, со ребалансот на буџетот што се усвои во јули годинава, расходите за заштита на животната средина се зголемија од првичните околу 1,1 милијарда денари на над 1,8 милијарди денари, при што најголем дел од зголемените средства се наменети за управување со отпадните води, се наведува во Ребалансот на Буџетот на РСМ за 2021 година објавен од Министерството за финансии.

Сепак, меѓу главните ставки во ребалансот на буџетот, за кои се наменети средства за заштита на животната средина, присутни се проекти коишто реално доцнат со реализација. Еден од главните проекти наведен во ребалансот на буџетот е воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион, за којшто „Мета.мк“ веќе пишуваше дека реализацијата на тендерот за новата регионална депонија е одложен за почетокот на 2022 година.

Меѓу главните проекти за заштита на животната средина е и рехабилитацијата и надградбата на канализационата мрежа со изградба на пречистителна станица за отпадни води во Битола, но и овој проект е сигурно дека нема да започне годинава. „Мета.мк“ уште пролетва пишуваше дека склучувањето на договорот за изведба на пречистителните станици за отпадни води во Битола и Тетово ќе треба да се случи кон крајот на годинава, по што би следувала неговата реална изведба на терен и трошењето на средствата.

За да се надмине дискрепанцата помеѓу собраните даноци и планираните инвестиции во животната средина, еколозите и граѓанските активисти уште одамна бараат формирање на посебен Фонд за животна средина, во кој ќе се слеваат даноците собрани од животната средина, но и сите други средства од казни за загадувачите, странски донации и заеми, кои ќе овозможат наменско трошење на средствата кон проекти за почиста околина.