Државата не им помага на средношколците кои одат на меѓународни натпревари

Alexandra Koch / Pixabay

Финансиските средства што државата ги издвојува за талентираните ученици и студенти кои се потребни за учество на меѓународен натпревар се минимални, односно во некои категории тие и сосем изоставуваат.

Поради тоа, како што вели претседателот Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), Ѓорѓи Маркоски, тие се принудени да спроведат систем на самофинансирање. Инаку СММ е само едно од повеќето здруженија кои се занимаваат со спроведување научни натпревари во земјава.

Како здружение на математичари тие вршат организирање и реализирање на неколку циклуси натпревари за учениците од основното и средното образование, организирање на школи и кампови, семинари, конференции и конгреси, континуирана издавачка дејност која се однесува на популаризација на математиката преку книги, збирки задачи, списанија за учениците од основните и средните училишта, како и меѓународно научно списание.

На 26-ти март ќе се одржи регионалниот натпревар по математика за учениците од основно образование, додека за учениците во средно училиште натпрварот се одржа на 12-ти март, но во пресрет е Европската женска математичка олимпијада што ќе се одржи во април, во Унгарија и за каде од кај нас се веќе избрани четири учеснички. За ниту еден од овие натпревари ниту државата ниту Министерството за образование и наука досега немаат обезбедено финансиски средства.

„Ние како сојуз досега не сме добиле средства за учесничките на Европската женска олимпијада 2022 година. Тука сакам да напоменам дека котизацијата која ја собираме од натпреварувачите се однесува за општински и регионален натпревар. За учество на државен натпревар, избор на екипи за меѓународни натпревари и нивно патување до местото за натпревар, СММ не планира да воведе котизација. Со парите од котизација и членарините, нашата екипа може безгрижно да се посвети само на постигнувањето резултати, без да биде оптоварена со финансиски прашања“, вели претседателот на математичкото здружение кој е и редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според измените во законот за основно образование, МОН требаше да обезбеди средства за покривање на трошоци за котизација и пат за учество на еден меѓународен натпревар во текот на 2022 година од областа на математиката, информатиката и природните науки за основно образование. На почетокот на овој месец, Министерството обајви јавен повик за доделување финансии за котизација и учество на меѓународни натпревари како и повик за парична награда за сите кои ќе освојат медал на меѓународен натпревар. Сето тоа е за основно образование, додека средношколците сè уште чекаат на ваква помош.

„Мета.мк“ упати прашања до Министерството за образование за тоа дали се предвидуваат измени и во законот за средно образование, дали има најкраток можен рок и дали се планирани средства за претстојната Европска женска олимпијада. До денот на објавување на оваа сторија не добивме одговор од МОН.

Од Сојузот се надеваат дека наскоро ќе се извршат аналогни измени и на законот за средно образование бидејќи за три меѓународни натпревари во моментов не се обезбедуваат средства.

На прашањето дали почувствувале олеснување во периодот од изминатите две години кога поради ситуацијата со вирусот речиси секој организиран настан се одвиваше онлајн, од Сојузот велат дека тешкотиите и грижите останале исти.

„Точно е дека изминативе две години меѓународните натпревари се одвиваа виртуелно. Меѓутоа за реализирање на тие виртуелни настани потребни беа специјални набљудувачи-обсервери, како и компјутерска опрема за која беа потребни и одредени финансиски средства. Ништо од овие работи не е спонзорство. Средствата со кои ја обезбедивме опремата, организиравме интензивни подготовки за нашите натпреварувачи ги обезбедивме од котизацијата и членарината, се средства на СММ. Како што веќе кажав, трошоците за нашите екипи на меѓународните натпревари, се планира целосно да ги покрие Сојузот“, вели претседателот на СММ.

Во интервјуто со Емилија Николовска, една од годинешните претставнички на ЕГМО 2022, таа сподели дека често учесниците сами треба да бараат спонзорства за плаќање на авионските карти и другите трошоци.

Сојузот на математичарите на Македонија како едно од научните здруженија и организациски тела за спроведување на научни натпревари во земјава (покрај ДФРМ, СХТМ, ЗИМ) често добива поддршка и помош од училиштата кои ги организираат општинските и регионалните натпревари.

„При организација на натпреварите а и другите активности, често добиваме поддршка и од некои од факултетите при УКИМ во Скопје (ПМФ, ФЕИТ и други) како и во Охрид и Битола“, посочува професорот Маркоски.

Од Сојузот нагласуваат дека поддршката не се изразува само преку финансии. Тие се отворени за било какви прашања на темата како функционира организацијата и што сѐ треба да се направи за реализација на еден натпревар со цел да се подобри целосната моментална состојба, па нивните напори да може најмногу да се насочат кон подготвување на учениците наместо грижата за финансиите.

 

Автор: Ангела Бошкоска