Дваесет и еден државен објект добиле нови еколошки системи за затоплување, а уште педесетина се во процедура. Се работи за државни градинки, училишта и болници кои се веќе енергетски ефикасни објекти, а преку проект на Министерството за животна средина, финансиран со средства во видина од 5,4 милиони евра, обезбедени од европски фондови, ќе ги заменат нафтата и мазутот како гориво со приклучување на гасоводна или топловодна мрежа или со инсталирање на топлински пумпи, и со тоа ќе го намалат загадувањето на воздухот.
Досега, замена на системите на затоплување е направено во три градови, Куманово, Скопје и Битола. Во Куманово нов начин на затоплување добиле 12 објекти на девет локации, меѓу кои 7 се градинки и училишта, како и на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Агенцијата за вработување, Секторот за внатрешни работи, како и Основниот суд во Куманово.
Во Битола, еколошки системи се воведени во два објекти, градинка и основно училиште и во три објекти во Скопје, во градинката „25 Мај“, во Гази Баба и во два објекти на основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров.
Како што информираат од Министерството за животна средина, во различна фаза на имплементација, проектирање, ревизија, изведба, надзор, се наоѓаат уште над педесет објекти на 24 локации.
„Државата мора да почне со своите оџаци и да биде пример за сите“, рече министерот за животна средина Муамет Хоџа и информира дека замената ќе продолжи штом заврши грејната сезона.
Веќе е изготвена проектна документација за нови 39 објекти во Скопје, Тетово и Битола, кои ќе бидат завршени во текот на оваа и идната година, а во изработка е за уште 27 објекти во Куманово и Скопје.
Според планот на Министерството, во Скопје замена на системите за затоплување до идната година ќе заврши во уште пет училишта, една спортска сала, како и во четирите поликлиники во Ченто, Драчево, Шуто Оризари и Ѓорче Петров, како и во четири објекти на Геронтолошкиот завод во Скопје и во 12 објекти на Психијатриската болница во Скопје. Во Тетово еколошко затоплување ќе добие едно основно училиште и 7 објекти на Клиничката болница, а во Битола три објекти на едно основно училиште.
По изготвувањето на документацијата, проектот ќе треба да ги опфати и уште училиштето „Златан Сремец“, Гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир, Универзитетот „Мајка Тереза“, спортска сала и една зграда на Општината Чаир, како и 15 градинки и училишта во Скопје. Исто така, еколошко греење ќе добијат и градинка, училиште и Здравствениот дом во Куманово.
„Замената на системите се прави во рамки на проектот “ЕУ за чист воздух“ финансиран од Европската Унија со 10 милиони евра, кој се фокусира на подобрување на квалитетот на воздухот во поголемите градови Скопје, Битола, Тетово и Куманово – како едни од најзагадените и тоа преку преземање на мерки за намалување на загадувањето од системите за греење, намалување на загадувањето од јавниот транспорт и создавање на зелени појаси“, велат од Министерството.
