Владата на вчерашната седница донесе одлука да ја преземе грижата за колекторскиот систем на Охридското Езеро, ставајќи со тоа крај на маките со меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“, кое беше нефункционално и создаваше загуби и не се грижеше за колекторот на загадени и отпадни води.
Со одлуката за формирање Јавно претпријатие „Колекторски систем“, всушност се прави поделба на досегашното Меѓуопштинско јавно претпријатие „Проаква“, кое беше заедничко за општините Охрид и Струга. Двете општини сега ќе треба да формираат свои јавни претпријатија за управување со водоснабдувањето на своите територии. Новото државно јавно претпријатие, пак, ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем.
Средствата за основање на ЈП „Колекторски систем“ во износ од пет милиони денари се обезбедени од сметката на Владата.