fbpx

Државата дава по 2.000 евра дневно за мигрантите

-

Во првите пет месеци од оваа година, Министерството за внатрешни работи (МВР), кое е надлежно за Прифатниот центар за странци во населбата Гази Баба, потрошило 6,8 милиони денари или околу 111.000 евра за сместување на илегалните мигранти, затеканти од полицијата на територијата на земјата, велат за „Мета“ од Министерството.

Според помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, оваа сума е потрешена за храна, гориво, греење, вода, струја, односно на потребите кои е неопходни за сместување на лицата во центарот.

– Во овие средства не влегуваат здравствената заштита и другите потреби кои можат да се јават. Оваа сума не ги опфаќа ниту трошоците што МВР ги има при спроведувањето на акциите и на контролите за откривање на илегални мигранти – вели Котевски.

Според пресметката, МВР, од почетокот на годината, за сместување на мигрантите во центарот трошело по 1,4 милиони денари месечно, односно по околу 46.000 денари на ден.

Колку мигранти во моментот престојуваат во центарот, од МВР не можеа со прецизност да потврдат.

– Ситуацијата во центарот постојано се менува и не можеме да соопштиме прецизна бројка – рече Котевски.

Народниот правобранител на прес-конфереција во петокот, минатата недела, соопшти дека капацитетот на центарот во Гази Баба е 120 лица, но при нивната посета, едн ден предходно, таму затекнале 364 бегалци, тројно повеќе од капацитетите, сместени во екстремно лоши услови.

Од Министерството велат дека по напливот на мигранти, Обвинителството се обврзало побргу да ги процесуира случаите, во кои лицата сместени во центарот се јавуваат како сведоци против осомничени за кривичното дело илегален транспорт на мигранти.

Како што информираа од МВР, засега нема официјална бројка колку мигранти, кои најчесто доаѓаат во земјите од Блискиот Исток и дел од Африка, секојдневно влегуваат во државата.

Бандажирање на зглобови, санирање плускавци и рани, пак, се најчести повреди на мигрантите. Двете мобилни единици на Црвен крст кои работат под покровителство на УНХЦР се на терен и им пружаат прва помош.

– Ни се случило за еден час да прегледаме 80 мигранти. На самото место правиме преврска на раните, но ако се работи за нешто покомплицирано, тогаш преврската се прави во најблиската здравствена установа. Сега имавме случај на бебе во Куманово, кое го однесовме во болница поради бронхит – вели еден од членовите на мобилната единица на Црвен Крст.

Тие не им ги наплаќаат овие услуги на мигрантите, а, исто така, и терапиите и лекувањето во болниците им се бесплатни. Но, доколку лековите на рецепта треба да си ги купат од аптека, мигрантите сами си ги плаќаат.

– Ние вообичаено им даваме таблети против темпeратура или треска, друго избегнуваме. Можеби се алергични на некој лек, бидејќи нашите и нивните медикаменти не се исти. Граѓаните им прават лоша услуга кога им даваат апчиња од дома. Сите тие се жалат на болки во мускулите, но ние не им даваме медикаменти против болки – појаснуваат од единицата.

Од Министерство за здравство изјавија дека немаат податок колку мигранти се згрижуваат во болниците и колку државата ја чини нивното лекување.

Сепак, болничко сместување на сопствен трошок чини околу 1.500-2.000 денари, а цените зависат од тоа на каква терапија е подложен пациентот и кои услуги ги користи.

Колку за пример, приватен преглед во ординација чини 500 денари, специјалистички преглед е 1.000 денари, инјекција 50-100 денари, мала преврска чини 100 денари, а голема – 200 денари, ЕКГ чини 200 денари, инхалација – 70 денари, испирање очи е 100 денари. Цените на овие услуги горе-долу се исти и кога се плаќаат приватно.

– Не може да се утврди точната цена за еден пациент бидејќи сè зависи од тоа во која установа ќе биде згрижен, што е дијагнозата, каква терапија ќе прима, колку дена ќе остане. Сепак, без 1.500-2.000 денари за еден ден нема болничко лекување на приватно  – вели упатено медицинско лице.

Кога ќе се соберат сите овие суми кои официјално се познати, како и оние кои секојдневно се трошат (вклучување на полицијата во лов на шверцерите на мигранти, материјалната штета што ја прават додека транзитораат низ Македонија и слично), а не се регистрирани никаде, може да се заклучи дека мигрантите државата ја чинат по 2.000 евра дневно.

За погреб, пак, на загинатите мигранти државата досега платила околу 16.000 евра.

Од ИВЗ велат дека еден погреб со парцела и со обред чини околу 40.000 денари. Тоа значи дека за 27 мигранти, државата морала да плати 1.080.000 денари или околу 16.000 евра.

Последните месеци во Македонија во одделни, претежно сообраќајни несреќи, загинале вкупно 28 мигранти, кои доаѓаат од Нигерија, Сирија, Сомалија и од Авганистан.

Досега од роднини е побарано само едно тело на починат, а другите 27 мигранти се погребани во земјата. Тие се погребуваат на посебна парцела на муслимански гробишта, со сите вообичани обреди за муслимански погреб.

Трошоците ги плаќаат или државата или општините каде се погребани мигрантите.

Според УНХЦР, бројот на луѓе кои искажале намера за барање азил во земјите од Западен Балкан помеѓу 2012 и 2014 година се зголемил од 5.000 на 20.000 лица, а оваа година е регистрирано ново зголемување на оваа бројка.

Во Србија во првите пет месец од годината имало преку 22.000 барања за азил, што е шест пати повеќе од истиот период лани. Само во мај, 10.000 нови баратели за азил биле регистрирани од српските власти.

Голем дел, ако не и сите овие мигранти, пред да влезат во Србија, поминале низ територијата на Македонија.

Според УНХЦР, околу 200 мигранти дневно бараат азил и помош, регистрација и сместување од српските власти, откако ќе влезат од Македонија.

Денеска во 12 часот, Собранието треба да ја одржи вонредната седница на која ќе ги усвои измените на Законот за азил, со кои на мигрантите ќе им се овозможи привремен 72-часовен престој во Македонија за да можат побргу и побезбедно да транзитираат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...