Државата да се фокусира на зелената дигитализација и на еколошки одржлива дигитална инфраструктура

Капацитет да ги забрзаат и максимизираат ефектите од еколошките политики имаат и технологиите како што се вештачката интелигенција, cloud и edge computing

фото: Биро за регионален развој

Национален приоритет е да се креираат планови и патокази за дигитална трансформација и да се финансираат иницијативи за дигитализација на претпријатијата. Важно е државата да се фокусира на зелената дигитализација и на создавање еколошки одржливи дигитални инфраструктура – ова се заклучоците од денешната конференција „Go Green: Обезбедување дигитална еколошка одржливост“ што ја организираше Бирото за регионален развој.

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Компјутерската моќ станува зелена“, финансиран од ЕУ и спроведен со партнери од Грција, Албанија, Кипар и Бугарија.

„Во рамки на проектот мапиравме, даваме анализа и опис на факторите кои го поддржуваат и спречуваат усвојувањето на мерките за зелена дигитализација, фокусирана проценка на земјата, извештај за идентификација на ресурси и мерки“, рече Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.

Капацитет да ги забрзаат и максимизираат ефектите од еколошките политики имаат и технологиите како што се вештачката интелигенција, 5Г, IoT, cloud и edge computing. Дигиталната трансформација не се промовира изолирано, туку се гледа под објективот на зелениот развој, беше истакнато на конференцијата.

Проектната менаџерка Даниела Цветаноска објасни дека главна цел на проектот е да го промовира усвојувањето на интегрираниот пристап и рамка за создавање комбинирани зелени и дигитални иницијативи за трансформација на национално и транснационално ниво, што ќе доведе до „позелено“ функционирање на дигитални инфраструктури кои користат центри за податоци.

„Во рамки на проектот се мапираа актуелните трендови и состојби во однос на иницијативите за дигитална трансформација, се анализираа и се даде опис на факторите кои го поддржуваат и спречуваат усвојувањето мерки за зелена дигитализација во Република Северна Македонија, се креира фокусирана проценка на земјата за зелена дигитализација во Република Северна Македонија. Проектот придонесе до стручни наоди за сите теми и дополнително, истите ќе бидат достапни за сите граѓани со Барометарот кој што е во фаза на подготовка“, рече Цветаноска.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на конференцијата рече дека дигиталната трансформација е глобален тренд и „ние мораме да го фатиме чекорот“.

„Ме радува фактот дека постои свесност за потребата од подинамична трансформација на начинот на управување со процесите. За тоа се потребни нови алатки, но и знаење. Со поддршка од Европската Унија, Бирото за регионален развој го прави токму тоа. Очекувам преку вакви проекти да продолжи трендот на прилагодување и побрза трансформација и на јавниот и на бизнис секторот и наше целосно прилагодување на целите на ЕУ и на глобалните развојни цели на ОН“, рече Пенов.

Во рамки на конференцијата се одржаа и две панел дискусии на тема „Компјутерската моќ станува зелена – Go Green“ и „Предизвици за примена на зелена дигитализација во приватниот и општествениот сектор“.