Данска соопшти дека упадите со беспилотни летала во текот на ноќта, кои накратко затворија два аеродрома и влијаеја на воени објекти, биле хибридни напади насочени кон ширење страв, иако властите не можеа да ги идентификуваат сторителите, пренесува Ројтерс.
Инцидентот, втор за два дена само во Данска, е дел од она што некои европски претставници го гледаат како шема на руско нарушување што ја разоткри ранливоста на европскиот воздушен простор во време на високи тензии меѓу Москва и НАТО.
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека во телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во врска со упадите со беспилотни летала се согласила дека тие треба да работат заедно за да се обезбеди безбедноста.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на „ефикасно одвраќање“ од страна на НАТО, додавајќи дека алијансата била во право што ја предупредила Русија оваа недела дека ќе ги употреби „сите потребни воени и невоени алатки“ за да се одбрани.
Амбасадата на Русија во Копенхаген во четврток ги отфрли како „апсурдни“ шпекулациите за вмешаноста на Москва во данските упади.
ДАНСКА МОЖЕ ДА СЕ ПОВИКНЕ НА ЧЛЕН 4 НА НАТО, ПОСЛЕ ПОЛСКА И ЕСТОНИЈА
Полска собори сомнителни руски беспилотни летала во својот воздушен простор на 10 септември. Данските власти во четврток изјавија дека одлучиле да не соборуваат ниту едно од беспилотните летала во нивниот воздушен простор од безбедносни причини, и покрај прекинот предизвикан во воздушниот сообраќај.
„Секако не изгледа како случајност. Изгледа систематски. Ова е она што јас би го дефинирал како хибриден напад“, изјави министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен на прес-конференција, додавајќи дека Данска не се соочува со директна воена закана.
Данска сè уште не одлучила дали да го активира Член 4 на НАТО, кој им овозможува на членките да побараат консултации за какви било безбедносни проблеми, рече Поулсен. Полска го активираше членот откако ги собори беспилотните летала, како и Естонија откако руските воени авиони го нарушија нејзиниот воздушен простор 12 минути на 19 септември.
Ноќните упади го принудија аеродромот Алборг, кој се користи за комерцијални и воени летови, да се затвори три часа, додека аеродромот Билунд, втор по големина во Данска, беше затворен еден час, соопшти полицијата. И двата беа повторно отворени во четврток наутро.
Безпилотни летала беа видени и во близина на аеродромите Есбјерг и Сондерборг, како и во воздухопловната база Шкридструп, дом на данските борбени авиони Ф-16 и Ф-35, и над воен објект во Холстебро, потврди полицијата. Сите тие се наоѓаат во западниот регион Јитланд.
