Со официјалниот почеток на преговорите РСМ-ЕУ на 19 јули годинава, се наметна потреба од итна консолидација на механизмот за координација за управување со пристапниот процес, како клучна алка за обезбедување координација и поддршка на сите реформи кои се однесуваат на процесот на европска интеграција и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација-асоцијација. Во врска со преговарачката структура и нејзината подетална функција, Порталб.мк, направи интервју со државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу – Халили, која нагласи дека на 15 септември започнува процесот на ажурирање на скринингот, што веќе беше спроведен во 2018 и 2019 година.
Сега кога се создаде структурата на преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, дали се знае кога точно ќе почне со работа, во текот на процесот на скрининг или кога ќе се отворат поглавјата?
Дрита Абдиу – Халили: Република Северна Македонија сега веќе ги започна преговорите со Европската Унија и го договори календарот за детален скрининг кој започнува овој месец и ќе трае до ноември 2023 година. Процесот на скрининг е поделен на 2 дела, објаснувачки и билатерален. Сега се комплетираат сите тела на Преговарачката структура кои веднаш ќе започнат со работа. Со оглед на почетокот на скрининг состаноците, по кои сите тела во структурата ќе продолжат да работат во подготовка за билатералните скрининг состаноци кои се закажани за помалку од два месеци по објаснувачките состаноци за секое поглавје.
Дали има точен датум кога ќе започне процесот на скрининг?
Дрита Абдиу – Халили: За време на Меѓувладината конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, која се одржа на 19 јули, беше предаден и календарот на скрининг состаноци на Северна Македонија. Всушност, првата фаза на скрининг беше спроведена во 2018 и 2019 година, кога македонското законодавство беше разгледано во однос на сите поглавја на законодавството на ЕУ. Годинава, поточно на 15 септември, започнува процесот на ажурирање на скринингот што беше спроведен во 2018 и 2019 година, односно ќе биде презентација на новата законска регулатива и акти усвоени овој меѓупериод. Целиот процес на скрининг, вклучително и билатералниот скрининг, се очекува да биде завршен до ноември 2023 година.
Што подразбираме под политички и технички елементи на преговорите, кои, како што напомена и самиот вицепремиер Бојан Маричиќ, во улога на главен преговарач ќе се комбинираат?
Дрита Абдиу – Халили: Техничките елементи се подготовките за процесот на скрининг, анализа на степенот на компатибилност, подготовка на упатствата итн. Додека политичките елементи се оние кои обезбедуваат амбиент и услови за спроведување на реформите, како и политичка посветеност за реализација на одредени цели. Тоа го бара и самата методологија, која предвидува преговорите да имаат посилно политичко управување (stronger political steer).
Вие сте заменик главен преговарач, каква ќе биде вашата улога?
Дрита Абдиу – Халили: Секретаријатот за европски прашања е единствениот секретаријат во преговарачкиот процес со ЕУ кој ќе го координира и насочува овој процес. СЕП ќе биде поденсувач на целата документација поврзана со процесот на преговори за членство, а во сите работни групи ќе има претставници од Секретаријатот за европски прашања кои ќе бидат одговорни за методолошките аспекти на процесот на работа на работните групи, и координација со другите тела на преговарачката структура.
Потребата од секојдневна контрола на овој обемен и долгорочен високопрофесионален процес и масовниот координативен механизам на целиот процес, кој мора постојано да се одржува во вонредна состојба, ја покажа потребата од местото заменик главен преговарач. Така, механизмот за координација се поедноставува, се поставува на хиерархиски и команден начин во конзистентна рамка, пред се со цел зголемување на ефикасноста и ефективноста, поедноставување на националната процедура, полесно прилагодување на потребите и побрз процес на одлучување.
Оваа функција според службената положба ја врши државниот секретар во СЕП, кој е и претседател на Комитетот за стабилизација и асоцијација.
Каква улога ќе има преговарачката комисија, составена од премиерот и четворицата вицепремиери на Владата?
– Комисијата за преговори, како највисоко работно тело на Владата на Република Северна Македонија за координација на процесот на преговори за членство во Европската Унија, ќе го испита и утврди предлогот – преговарачките позиции на земјата пред нивно одобрување од страна на Владата, дискутирајќи и заземајќи став за најважните прашања поврзани со преговорите.
Дали мислите дека ќе ви биде потежок преговарачкиот процес поради изменетата методологија на преговарање во 2020 година и недостатокот на модел како искуство?
-Со усвојувањето на ревидираната Методологија за преговори за членство, Европската унија го врати процесот на проширување на листата на приоритети, дури и во услови на пандемија.
Оваа Методологија наметнува многу повеќе политички преговори, на начин што целиот преговарачки процес го издигнува на многу повисоко политичко ниво во сите фази од преговорите и овозможува директно политичко учество на земјите-членки, што значи и поголема политичка одговорност и отчетност. Ваквата нова политичка ситуација бара соодветно прилагодување и од наша страна. Точно е дека поради големиот број новини во процесот, не постои модел на искуство од која било друга земја што може да се земе предвид. Сепак, неопходно е да создадеме автохтон и оригинален модел за координација, кој целосно ќе ги одразува новините на Методологијата за зајакнување на пристапните преговори. За ова, секако, ќе се користат вредни искуства од други земји, но само за елементите кои се од генеричка природа и ќе ги користиме нашите искуства што ги стекнавме во досегашниот процес на европска интеграција, особено преку спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Пред нас е динамичен период кој бара многу работа и посветеност. Наша цел е да ги затвориме разговорите и да станеме полноправна членка на ЕУ до крајот на оваа деценија.
Какви се реакциите и подготвеноста на граѓанскиот, бизнис и академскиот сектор за вклучување во оваа почетна фаза од преговарачкиот процес и каков е моделот на соработка на СЕП со овие сектори?
– При дефинирањето на Механизмот за координација на преговарачкиот процес, СЕП ја потврди важноста од вклучување на сите релевантни чинители на општеството во овој процес. Преговарачката структура предвидува развој на механизми кои ќе ја дефинираат конкретната улога и начинот на нивното вклучување во процесот. За да го дефинираме ова, ќе одржиме индивидуални состаноци со сите релевантни фактори за да разговараме и заеднички да го дефинираме најсоодветниот и најефикасниот начин за функционирање на оваа соработка.
Каква е улогата на опозицијата во преговарачкиот процес и како ја оценувате нивната иницијатива за референдум, која според премиерот и претседателот е целосно антиевропска?
-Мислам дека процесот на започнување разговори за полноправно членство во Европската Унија е сеопфатен и инклузивен процес и како таков бара многу работа и целосна посветеност од сите политички чинители, граѓанскиот сектор и особено академското општество во земјата. Членството на државата во ЕУ е стратешка определба на нашата земја од прогласувањето на РСМ независна држава, затоа овие прашања мора да бидат придружени со поширок национален консензус и сите политички сили да најдат начин да работат заедно во постигнување на оваа цел.
Автор: Наиле Даути