Фото: Влада на РСМ

Договор за државна помош за новиот инвестициски циклус на германската автомобилска компанија „Дрекселмаер“, која работи во Кавадарци од 2012 година, денеска во Владата поттпишаа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и управителите на компанијата, Лукас Муехрингер и Јосеф Oтто Ерих Кауфман.

Вредноста на новите инвестиции изнесува 16 милиони евра и со нив се предвидува отворање на над 1.000 нови вработни места, преку проширување на капацитетите во Кавадарци и новиот погон што ќе се отвори во Куманово.

Според Битиќи, договорот е потврда за поволната инвестициска клима во земјава и за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во државава. Од септември минатата година досега, потпишани се вкупно 48 договори за државна помош со компании кои работат во земјава, согласно Законот за  финансиска помош на инвестиции. Дополнително, за период од само 8 месеци, ова е петтиот договор кој се потпишува за нова инвестиција со странска компанија, објасни Битиќи, после оние со ВИК, Ипотекс, Пурпласт и Магна, додека во тек се 53 инвестициски проекти на компании со вкупна вредност од скоро 96 милиони евра инвестиции и за над 2.000 работни места. Тој потсети дека во „Дрекселмаер“ работат 5.500 работници кои произведуваат делови за светски брендови како „Мерцедес“ и БМВ.

Фото: Влада на РСМ

„Со договорот со „Дрекселмаер“, државата се обврзува на ослободување од данок на личен доход во наредните 10 години, исто така и за ослободување на данок од добивка за истиот период, грант од 10 отсто од инвестициските трошоци, но не повеќе од 1 милион евра годишно и грант од 2.000 евра по вработен за нови работни места, за месечна плата повисока за најмалку 50 отсто од минималната плата“, рече Битиќи. Тој додаде дека радува отворањето на новиот погон на „Дрекселмаер“ во Куманово, со што се отвора нова можност за неговите граѓани како и за локалниот економски развој, бидејќи Куманово е вториот град во државата со најмало учество во БДП по жител.

Лукас Муехрингер посочи дека компанијата е задоволна од соработката со Владата, дека во досегашното работењето „Дрекслмаер“ соработува со над 700 различни домашни фирми, како и дека со новата производствена линија во Куманово ќе се отворат уште 1.000 нови работни места.