Dragi Rashkovski
Фото: Фејсбук налог на Драги Рашковски

Драги Рашковски денеска со писмо објавено на неговата фејсбук страница, даде оставка од функцијата во Владата, секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата. Во писмото со датум од 12 април, адресирано до премиерот Зоран Заев, тој ги наведува причините за неотповикливо повлекување од досегашната функција.

„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Сè поразлично од тоа е лажна вест. Кога политиката (политиканството) ќе станат погласни од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сè да ја бара логиката“, стои во писмото.

Државната комисија за спречување на корупцијата на почетокот на март отвори предмет за набавката на софтверот за контрола во сообраќајот, што го распиша Рашковски како генерален секретар на Владата. ОЈО минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на овој софтвер, а во април беше извршен претрес во фирмата „Инвока груп” од каде е купен софтверот.

Медиумите пишуваа дека додека бил генерален секретар на Владата, набавил софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра, кој не се користи, потоа дека вози џип кој не му е пријавен во анкетниот лист, како и дека почнува да гради луксузна хациенда во околината на Скопје. Антикорупциската комисија најави дека ќе ги испита овие случаи, а се проверува и неговата имотна состојба од анкетениот лист.

Рашковски, инаку професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, беше избран за генерален секретар на Владата во јуни 2017, а лани во октомври поднесе оставка. Но, со владина одлука, во ноември тој беше назначен на функцијата- секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма.