Фото: Ria Puskas on Unsplash

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) по добивањето на резултатите од земените дополнителни мостри од складот за мазут во Ресен во сопственост на фирмата „Евротим ГДС ДООЕЛ Кичево“, донел забрана за промет.

Според анализите, констатирано е дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430. Поради констатираните отстапувања на квалитетот на производот, од страна на ДПИ е донесено решение за забрана за промет на мазутот кој е затекнат во складот.

Инаку, ДПИ уште при првичните контроли на компанијата „Евротим ДООЕЛ Кичево“ ѝ изреклае Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут, затоа што тогаш кај две цистерни на компанијата биле утврдени отстапки од граничните вредности на мазутот што оваа компанија го увезува. По задолжение од ДПИ, тогаш двете цистерни од кои се земаа мострите, беа вратени кај добавувачот, по што следуваа последните дополнителни анализи.

Од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, посочуваат дека и најновите активности се дел од итните, вонредни и длабински контроли на целиот процес од увоз или производство до продажба на мазут и нафтени деривати, по емитувањето на сторијата на ИРЛ за увоз на опасен мазут. Досега собраните информации и материјали се предадени на обвинителството

„Целата документација, со сите наоди од надлежните институции, веќе е доставена во Основното јавно обвинителство Скопје, за понатамошно процесурирање и постапување согласно нивните надлежности“, се вели во дописот од кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски.