На доживотна казна затвор беа осудени денеска Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинение. Ваква одлука донесе Кривичниот суд, година и половина по грабнувањето и убиствата.
Судијата Ивица Стефановски кој ја изрече пресудата, рече дека судот на обвинетите, за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства, на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна затвор доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинение бидејќи Јавното обвинителство не докажало надвор од разумно сомневање дека го сторил делото.
Лани, по две одложувања, на 20 септемвври започна судењето за овој случај. Обвинетите негираа вина. Првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо тогаш се изјасни дека не чувствува вина и рече дека станува збор за „политички монтиран процес“. Тој тогаш пред судот кажа дека воопшто не се познава со таткото на Вања Ѓорчевска.
Според обвинението, групата испланирала грабнување на 14 годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Мотивот за двете убиства, како што првично соопштија екс-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и главниот обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, бил користољубие, односно едно од лицата во договор и со знаење на член на семејството (н.з. таткото) го организирале извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката, од која сите инволвирани би имале материјална корист.
Велешанецот Панче Жежовски не бил директно поврзан со девојчето, но и неговото убиство, според истражните органи, е поради нерасчистени односи со еден од осомничените. Тој е убиен, а потоа му се одзема колата „Цитроен“ и со истата се грабнува Вања, неколку дена подоцна.
