Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска издаде жолто ниво на предупредување поради најавените обилни дождови и потенцијалната опасност од поплави. Од УХМР апелираат граѓаните претпазливо да се движат покрај реките и суводолиците, пред сè на оние во југоисточните, источните и североисточните делови на земјата.

Според прогнозата на Управата, денеска е активен портокалов метеоаларм заради обилни врнежи од дожд во источните делови од Македонија, каде се очекува да наврнат над 35 литри на квадратен метар. На планините ќе врне снег, а на некои од повисоките места дожд и снег. Максималната температура ќе од 3 до 9 Целзиусови степени. Во Скопје, ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

„Во текот на ноќта имаше значително зголемување на водостоите во југоисточниот, источниот и североисточниот дел од земјата. Висок водостој моментално има во сливот на река Брегалница вклучително и нејзините притоки, во сливот на Крива и на Пчиња, како и во сливот на река Струмица заедно со притоките и суводолиците во рамки на нивните сливови. Во текот на денешниот ден се очекува да останат високи водостоите во посочените сливови, а на поединечни места можно е да има локални излевања или заезерувања на водата, соопшти УХМР.

Високо е и нивото на водата во реката Вардар во горниот дел од течението. Во западниот дел од земјата се очекува помал прираст на водостоите поради студеното време во тој регион и поради тоа што на планините врнежите ќе бидат во вид на снег.

„Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во земјата пред сè на оние во југоисточните, источните и североисточните делови на земјата“, велат од УХМР.