Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека е прекинат прагот на алармирање поради загадувањето на воздухот со ПМ-10 честички во Скопје и Струмица.
„На ден 28.12.2021, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3, и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје – Центар, Гази Баба, Лисиче и Ректорат и Струмица“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Податоците од мерните станици за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека вчера биле надминани среднодневните гранични вредности за ПМ-10 честички на сите мерни станици во Скопје, при што во Карпош биле измерени најмалку – 60,95 микрограми на метар кубен, додека во Лисиче најмногу – 115 микрограми на метар кубен. Сепак, тие биле под дефинираниот праг на алармирање.
Од ЈСП-Скопје информираат дека поради прекинување на прагот на алармирање од утре (30 декември) престанува да важи мерката бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Поради намалениот праг на алармирање, и останатите мерки што ги донесе Градот Скопје завчера, престануваат да важат, бидејќи градските власти информираа оти тие ќе бидат во сила сè додека мерните станици не покажат помалку од 100 микрограми на кубен метар, концентрација на штетните честички.