fbpx

Дожд од изјави за специјалниот обвинител, сите го чекаат 15 септември

-

На само пет дена пред истекот на рокот што партиите си го дадоа со Договорот од Пржино за избор на специјален јавен обвинител, изјави и ставови на оваа тема доаѓаат од сите страни. Освен претставници од меѓународната заедница, со свои ставови во неделата излегоа и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

Денеска известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгел, во интервју за телевизијата „24 Вести“ рече дека не може да ја коментира одлуката на судот за издвојување на доказите од прислушуваните разговори, но додаде дека една од причините за политичката криза во Македонија е и тоа што излезе од прислушуваните разговори што ги обелодени опозицијата и дека тие мора да бидат истражени.

– Договорот е потпишан и не може да биде сменет ако некој едноставно сака да го направи тоа. Мислам дека е екстремно важно сите да се држат до она што е договорено – рече Вајгал.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, денеска рече дека план Б за избор на специјален јавен обвинител нема.

– Не! План Б нема и на 15 септември мора да се избере специјален обвинител. Остануваат уште неколку отворени прашања, кои ако не во наредните неколку часа, тогаш во наредните неколку дена, верувам дека ќе бидат надминати и ќе се постигне договор околу нив за на 15 септември да се назначи јавен обвинител и веќе од 16 септември тој да почне со работа, а сè во интерес на граѓаните на земјата – рече Орав.

На почетокот од оваа недела, Маја Коцијанчич, портпаролката на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, сепак, не сакаше да ја коментира одлуката на Основниот суд Скопје – 1, со која аудиоснимките и транскриптите од „бомбите“ беа отфрлени како доказен материјал, особено зашто тоа не е конечна пресуда за случајот.

– Европската комисија не коментира одделни судски случаи, особено првостепени, кои подлежат на жалби и кои не се конечни – рече Коцијанчич, додавајќи дека Европската комисија очекува специјалниот обвинител да биде назначен и целосно да ја спроведе својата функција во согласност со Договорот од Пржино.

Изјави за изборот на специјален јавен обвинител изминативе денови имаа и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.

– Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла на канцеларии, возила и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа, ниту, пак, под внатрешни или надворешни влијанија. Треба чесно да си ја изработи својата работа и да донесе непристрасни одлуки – истакна премиерот.

Заев, исто така, изрази оптимизам дека преговарачките тимови на политичките партии ќе ги усогласат ставовите околу законот за јавниот обвинител, кој треба конечно да влезе во собраниска процедура и да се изгласа најдоцна до 15 септември, рок предвиден со Договорот од Пржино.

– Концептуалните разлики се, во суштина, околу тоа дали ќе биде специјален јавен обвинител или ќе биде специјално јавно обвинителство. Во Македонија постои јавен обвинител, постои виш јавен обвинител, постои обвинител за организиран криминал, но, во суштина, станува збор за повеќе од 300 јавни обвинители. Јавен обвнител значи служба, таа служба мора да има заменици, така што специјалниот обвинител ќе носи одлуки, но тој мора да работи со некого, не може да биде сам – истакна Заев.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентот Филип Алчевски победи на хакатонот за зелено инженерство

Филип Алчевски со темата „Иновативни употреби на летечката пепел за одржлив развој“, е победник на хакатонот за зелено инженерство, кој се одржа на Технолошки-металуршкиот факултет (ТМФ). Второто место го освои...