Достапна онлајн платформа за учење и развој на децата со попреченост

Од вчера, 27 април, достапна за работа е онлајн платформата за поддршка при учењето и развојот на децата со попреченост, која е изработена во соработка со Министерството за труд и социјална политика и партнерство со организацијата која промовира асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.

“Преку платформата децата со попреченост добиваат помош за полесно да следат настава, да го организираат слободното време или да унапредат некоја компјутерска вештина. Платформата е добредојдена и за родителите кои ќе дознаат како низ игра компјутерот или таблетот да го користат како алатка за развој на нивното дете со попреченост. Најзначајно е што поддршката за секое дете со попреченост ќе биде индивидуална, прилагодена на личните потреби на секое дете“, рече Санела Шкријељ, дополнителна заменик министерка за труд и социјална политика.

Со онлајн-услугата преку специјални едукатори и логопеди, родителите ќе добијат помош во изработка на индивидуализиран план за онлајн-поддршка на нивните деца. Услугата која се заснова на пристапот насочен кон личноста на децата има за цел да го поттикне нивниот развој во четири различни области: рана стимулација на развојот, употреба на компјутери и интернет, логопедски услуги и советодавна/консултативна поддршка на сите старатели и негуватели во домот.

„Децата со попреченост имаат потреба од дополнителна поддршка, индивидуализиран пристап и модифицирани часови за да продолжат да учат дома. Мора да се погрижиме родителите и во овој период да ја добиваат неопходната поддршка, а децата да имаат пристап до иновативни услуги со кои ќе се стимулира нивниот развој и континуирано учење“ рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Онлајн платформата е достапна за сите деца со попреченост. Родителите и старателите може да го регистрираат своето дете за индивидуализирана поддршка при учење на следниве броеви: 072/275 211 и 078/282 662 за поддршка на македонски, 071/989 822 за поддршка на албански, секој работен ден од 9 до 17 часот.