Фото: Љупчо Џамбазовски на Unsplash

Денеска пред јавноста Центарот за интегриран развој Охрид – ЦИРО, со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, ја презентираа туристичката мобилна апликација „Discover Ohrid“.

На апликацијата која е двојазична на македонски и англиски јазик, патеките поврзани со културата се и со аудио-водич, а поставената офлајн мапа во апликацијата овозможува патеките да се користат и без интернет конекција.

Концептот на апликацијата предвидува интерактивна улога на корисникот, што се овозможува преку вклучениот систем на достигнувања и награди. Доколку корисникот комплетира некоја патека или посети одреден број знаменитости, добива награди и попусти од локалните даватели на услуги. Таквата опција на апликацијата се очекува со поголем ангажман, корисникот во целост да го истражи Охрид. Проектот и апликацијата се осмислени да придонесат кон зголемување на конкурентноста и одржливоста на охридскиот туристички сектор преку дигитализација на туристичките потенцијали и услуги.

Во апликацијата се опфатени над 130 обележја од интерес, групирани во шест патеки за откривање на културното наследство на Охрид и околината, десет патеки преку кои може да се ужива во природното наследство, над десет понуди од областа на активниот туризам, над 30 угостителски објекти и 15 работилници од традиционалното охридско занаетчиство.

Истовремено се очекува апликацијата да ја подигне свеста за културното и природното наследство на Охрид и потребата за нивна заштита, а со вклучување на услуги од активниот туризам, угостителството и занаетчиството, поддршка се дава и на локалните бизниси што е од особено значење во кризата предизвикана од ковид-19.

Тековната верзија претставува основа со многубројни можности за надградба и се очекува да биде збогатена со уште светски јазици за да може понатаму да се развива во стабилна платформа за севкупната понуда на Охрид како туристичка дестинација.