Фото: Арбнора Мемети

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 802 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19, од вкупно 729 донори. Со крвна плазма досега се третирани 661 пациент.

„Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот. Да им помогнеме на лицата кои се борат со коронавирусот, да донираме конвалесцентна крвна плазма, апелираат од Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале ковид-19. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19,“ се вели во соопштението на Министерство за здравство.

Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19 и да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

„Потсетуваме дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со ковид-19,“ се додава во соопштението.