fbpx

Допрва ќе се анализира дали возот е економски исплатлив како јавен превоз во Скопје

-

Министерството за транспорт и врски допрва ќе прави анализа за нивото на економска исплатливост на проектот за воспоставување на приградски железнички сообраќај во Скопскиот регион. Владата во својата 4 – годишна програма за работа ја вклучи идејата за користење на возот како средство за јавен превоз во Скопје со 4 железнички краци, вклучувајќи ги линиите кои би поаѓале од Транспортниот центар кон Зелениково, Радуша, Миладиновци и Меѓународниот аеродром Скопје.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ велат дека досега изработиле предфизибилити студија со идејно-концептуално решение за железничкиот крак „Железничка станица Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Сарај – Радуша“. Станува збор за едноколосечна неелектрифицирана пруга, на која што во моментов се бележи далеку помал обем на железнички сообраќај во споредба со нејзиниот постоен максимален капацитет.

– Следен чекор е изработка на техничка документација на ниво на Физибилити студија со изработка на основни проекти. За таа цел, Министерството за транспорт и врски планира да поднесе Апликација за обезбедување на грант средства техничка помош до Инструментот на Инвестициска Рамка на Западен Балкан, со чија помош консултанти би ја изработиле целокупната инвестиционо – техничка документација – потенцираат од ова министерство.

Државата би ја поднела апликацијата за обезбедување финансиски средства во втората половина од годинава. Покрај за железничкиот крак од Транспортниот центар до Радуша, ова министерство го стави како приоритетен проектот за воведување на воз до Меѓународниот аеродром Скопје на листата на проекти од областа на транспортот за кои ќе побараме поддршка од Европската Унија и од другите меѓународни финансиски институции.

Дали ќе има една или две железнички линии во правецот североисток, ќе зависи од тоа дали идната пруга кон Меѓународниот аеродром Скопје би се градела од постојната железничка станица Илинден или пак од онаа лоцирана во Миладиновци.

Последните бројки објавени во Националната транспортна стратегија на земјава за периодот до 2030 година покажуваат минимална искористеност на железничката инфраструктура во Скопскиот регион. И покрај тоа што вкупната должина на пругите изнесува дури 95 километри, искористеноста на постојните пруги во Скопскиот регион во 2015 година изнесувала само 19,1 отсто од нивниот максимален капацитет.

Дел од пругите, како што се оние од станицата Лисиче до ранжирната станица во Трубарево и станицата Маџари, како и од станица Драчево до станица Илинден се користат единствено за товарен сообраќај, иако со ваквата постојна инфраструктура би можело да се воведат железнички линии што можат да се вклучат во скопскиот јавен превоз.

Додека скопските улици се преплавени со возила и сообраќаен метеж, по пругата кон Ѓорче Петров денес се движат само по 2 патнички воза дневно, додека кон Миладиновци само 4 воза дневно. Времето на патување со возовите од Транспортниот центар до Зелениково, Миладиновци, Сарај и Волково е многу побрзо од автобусите што се дел од јавниот автобуски превоз кои сообраќаат кон овие дестинации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...