Дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот за 2019 година, што минатата недела помина во Владата, е доставен во Собранието и е на дневен ред на денешната седница како последна точка.

Дополнетиот предлог ги содржи деветте амандмани што беа прифатени на расправата по предлог-ребалансот во собраниската матична Комисијата за финансирање и буџет, а кои главно опфаќаат реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.

Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Целта на предлог-ребалансот на буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ).