„Фантом Блејд Зирo“ е долгоочекувана игра за која излезе и нов трејлер што доста открива за тоа што ќе излезе на 29 октомври годинава за „PS5“ и „PC“ и веќе е отворена опцијата за преднарачки. Но, најинтересната вест е дека познатиот азиски актер Дони Јен е длабоко навлезен во процесот на изработка на боречка кунг фу кореографија за играта.
Во трејлерот можат да се видат редица категории од борби против различни босеви, дружината пријатели на главниот лик, употреба на различни оружја, како и детали за играта и приказната во неа за која може да прочитате во претходни написи на следниот линк. Естетитката на играта потсетува на „Black Myth: Wukong“, „Sekiro“, и повеќето „Soulslike“ игри иако девелоперите експлицитно имаат кажано дека не се работи за таков тип на игра, туку повеќе се окарактеризира како акциона игра.
Интересно е дека возењето во кочија на влезната сцена во дејството на играта е референца за кочијата на почетокот од „Скајрим“ (Елдер Скролс 5). Но покрај борбите во движечка кочија, оваа игра има и луди акциони сцени и борби од кои една е измислена од Дони Јен и кореографирана од него и неговиот тим.
Прашан зошто се нафатил да работи на видеоигра, тој одговори дека е секогаш љубопитен да научи нешто ново.
„Моето гледиште е дека кога ќе погледенете филм како и видео игра, тие имаат одредени сличности. Како раскажување на приказна, забава, акција, авантура, истории. Така што кога бев поканет од „Ѕ“ („S“ е уметничкото име на девелоперот „Soulframe“ во скратена форма) бев многу возбуден“, вели Јен.
На Дони Јен во играта „Фантом Блејд Зиро“ му е доделена улогата на таткото на протагонистот којшто се разделува со синот уште кога е бебе, но детето го наследува талентот за боречки вештини од својот татко.
Инаку, Дони Јен е познат по улогата во серијалот „Ип Ман“ каде го глуми учителот на Брус Ли. Тоа е улога која му ја засили светската слава како и неговата улога во најновиот филм за „Џон Вик“(4) покрај Кијану Ривс. Тој е дел и од еден од поновите „Star Wars“ филмови односно „Rogue One“ каде глуми испосник, слеп корисник на „Силата“ кој наместо светлосен меч носи стап.
Исто така фигурира како важен спореден лик покрај Мишел Јоу во второто продолжение на „Притаен Тигар Скриен Змеј“ наречено „Мечот на судбината“, а во златната модерна ера на кинеските кунг фу филмови на домашен терен е активен со децении. Прва маркантна светска улога каде беше забележан од западната публика му беше појавувањето во филмот „Херој“ каде има сцена со борба со Џет Ли.
Всушност името „Дони Јен“ му е филмски псевдоним во холивудски стил, што можеби е само изговор за американизација. Вистинското име му е „Жен Зидан“ (Zhen Zidan) и како кинески актер неговата кариера е долгогодишна и има голем број остварувања во кинески филмски продукции базирани на кунг фу кореграфии на кои и самиот придонесувал со својата експертиза како кунг фу мајстор низ текот на неговата младост, а и во подоцнежните години досега. Ова е сцена од неговото портретиње на „Ип Ман“ улогата која му ја лансира кариерата кон светска слава:
Секако дека човек со вакво искуство којшто придонел доста за популаризирање на кунг фу културата во западот може многу да придонесе и во гејминг индустријата покрај неговите ангажмани во кинематографијата. Добрата работа е што гејминг индустријата и филмската индустрија се многу компатибилни и речиси од секој филм може да се изработи видео-игра исто како што од секоја видео-игра може да се изработи филм на иста тема или варијација. Можеби со развитокот на „ВИ“ алатки ќе се дојде до ниво игрите да не се разликуваат од филм, стремеж којшто одамна го имаат девелоперите на видеоигри.
Сето ова само драстично ја зголеми загреаноста за играта кај гејмерите ширум светот. Фантом Блејд Зиро уште при првата најава претствуваше душевен наследник на играта „Секиро“ главно поради ред сличности од кои најважна за гејмплејот е дефлектирање удари со меч. Иако има голем број гејмери што за „Секиро 2“ моментално ја сметаат играта „Where Winds Meet“. Во оваа игра дејството почнува со вујкото на протагонистот кој го заштитува како бебе, со слични потези како оние во кореографијата на Дони Јен. За „Where Winds Meet“ имаме повеќе написи овде .
Играта е веќе во претпродажби на „ Steam “ и на „Epic Games“ за „PC“ и е достапна за преднарачка во продавницата на „PlayStation 5“, каде стандардното издание чини 60 евра, додека делукс верзијата со повеќе скинови и козметика е 70 евра.
