седница Влада фото: Влада на РСМ
седница Влада фото: Влада на РСМ

Усвоен е шестиот пакет на антикризни мерки со кои финансиска поддршка од буџетот ќе добијат медиуми, угостителскиот сектор, туристички агенции и водичи, естрадни музичари, компании од ивент индустријата, ноќни клубови, фитнес центри, фотографски студија, и други, кои биле целосно затворени поради пандемијата со ковид-19. Мерките беа донесени на синоќешната седница Владата. Овој шести пакет антикризни економски мерки е вреден 17,8 милиони евра и, како што соопштија од Владата, наменет е за поддршка на дејностите што во текот на април беа целосно затворени поради корона вирусот, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои имаат инвестиции во текот на годинава.

Првата линија од пакетот е за поддршка на медиумите и со неа ќе бидат опфатени 55 компании, преку креирање на посебна кредитна линија во износ од 61,5 милиони денари, со нула каматна стапка.

Следната мерка е за поддршка на ликвидноста на 2.600 компании, во висина од 123 милиони денари, за деловни субјекти кои оствариле и ја ре-инвестирале добивката од 2019 година. Таа ќе се реализира со субвенционирање на каматни стапки по основ на кредити за ликвидност и обртни средства од банките, со максимален износ до 10 отсто од остварената добивка во 2019 година.

Третата мерка предвидува финансиска поддршка за угостителите, опфатени се околу 6.000 компании, во кои до 6 април годинава работеле околу 17.000 вработени. Како основа за пресметка ќе бидат просечните месечни приходи во 2019 и 2020 година, а месечниот износ за компензација е 30 отсто, помножен со соодносот на бројот на денови колку што овие дејности се затворени. Со оваа мерка се опфатени и компании што се регистрирани после 2019 година. Дополнително, секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен.

Четвртата мерка е поддршка за приватните детски одморалишта, ноќни клубови, игротеки, ресторани за свадби, компании од индустријата организирање настани (ивент индустрија), фитнес центри, фотографи и фотографски студија, односно за околу 1.200 компании. Основа за пресметка се просечните приходи во 2019 година, а ќе се аплицира за месечна компензација од 30 отсто. Дополнително, овие компании ќе добијат по 15.200 денари за вработен.

Мерката 5 од шестиот пакет се однесува на туристички агенции. Со неа ќе бидат опфатени околу 300 компании, туристичките агенции со А лиценца ќе добијат по 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца по 3.000 евра. Вкупната вредност на оваа мерка изнесува 86,1 милион денари.

Шестата мерка е за поддршка на 786 естрадни музичари, 110 туристички водичи, членови на еснафските здруженија на музичари, како и на сите физички лица кои се регистрирани како лиценцирани туристички водичи во текот на 2020 година, и кои, како физички лица, имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.