Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека сојузниците на САД од Блискиот Исток ги утврдиле контурите на договор со кој би завршила петмесечната војна со Иран. Поради тоа, тој засега нема да нареди нови американски напади, објави Асошиејтед прес.

Според Трамп, договорот би требало да вклучува итно и целосно отворање на Ормутскиот Теснец, како и отстранување на, како што наведе, иранската нуклеарна закана. Тој додаде дека Израел се согласил заедно со САД да се обиде да го финализира договорот со Техеран.

Иран засега не објави официјална реакција на најавата.

Соопштението следува само еден ден откако Трамп најавуваше дека би можел повторно да нареди силни воени напади за да го принуди иранското раководство да се врати на преговорите.

Одлуката била објавена по телефонскиот разговор на Трамп со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Саудиска Арабија стравува дека нападите врз иранската енергетска инфраструктура би можеле да предизвикаат одмазднички напади врз нафтените и гасните постројки во земјите од Заливот.

Во меѓувреме, тензиите во регионот продолжуваат. Кувајт соопшти дека одговорил на ирански напади со беспилотни летала врз неколку објекти, без жртви. Британската морнарица, пак, извести дека еден танкер бил погоден, а во близина на друг брод била регистрирана експлозија во Ормутскиот Теснец.