fbpx

Доналд Трамп обвинет за погрешно постапување со стотици доверливи документи

Обвинителите велат дека кога Доналд Трамп ја напуштил функцијата претседател, однел околу 300 доверливи досиеја во Мар-а-лаго – неговиот дом во Палм Бич, кој истовремено е седиште на приватен клуб каде се одржувале настани за десетици илјади членови и гости

-

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет за погрешно постапување со стотици доверливи документи, вклучувајќи и такви за американски нуклеарни тајни и воени планови.

Обвинителите велат дека кога Доналд Трамп ја напуштил функцијата претседател, однел околу 300 доверливи досиеја во Мар-а-лаго – неговиот дом во Палм Бич, кој истовремено е седиште на приватен клуб каде се одржувале настани за десетици илјади членови и гости, пренесува Би-би-си.

Според обвинението по 37 точки, Трамп ги чувал досиејата на неговиот имот на Флорида, и тоа во сала за бал, но и во бања и туш, канцелариски простор и во својата спална соба, а ги лажел и инспекторите. Се наведува дека тој потоа се обидел да ја попречи истрагата.

Трамп е обвинет дека во два наврата во 2021 година наводно им покажал дел од доверливите документи на луѓе без безбедносен сертификат, вклучувајќи еден писател и двајца членови на персоналот во домот.

Во неговиот клуб за голф во Њу Џерси, кој исто така бил неовластена локација, се вели дека Трамп покажал и опишал „план за напад“ за кој рекол дека Министерството за одбрана на САД го подготвило за него.

Специјалниот советник Џек Смит, кој го води случајот со документите, вчера рече дека неговата канцеларија има намера да бара брзо судење против Трамп, додавајќи оти тоа е во согласност со јавниот интерес, пренесува „Гардијан“.

Во објава на својата социјална мрежа, Трамп го критикуваше Смит опишувајќи го како „лудак“, јавува Би-би-си.

„Тој е мразител на Трамп – растроен ‘психо’ кој не треба да биде вмешан во ниту еден случај што има врска со ‘Правда’“, напишал Трамп на својата социјална платформа „Truth Social“.

Првото појавување на суд за овој случај, Трамп ќе го има во вторник во Мајами, Флорида, во пресрет на неговиот 77 роденден.

Обвиненија се поднесени и против Волт Наута, личниот помошник на Трамп, кој е обвинет дека ги преместил документите за да ги скрие од ФБИ.

Ваквото обвинение на 49 страници претставува прво федерално обвинение против поранешен претседател на САД.

Трамп, кој повторно се кандидираше за претседател во 2024 година, негира дека сторил нешто лошо. Правните експерти, сепак, велат дека доколку биде осуден, може да се соочи со значителна казна затвор.

Ова е втор криминален случај во кој е вклучен Доналд Трамп, кому следната година треба да му се суди во Њујорк за случај кој вклучува плаќање на порно актерка со цел да ја спречи да зборува јавно за наводната афера меѓу нив двајца.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...