fbpx

Доналд Трамп е осуден за сексуален напад и клевета на колумнистката Керол

Како компензаторна и казнена оштета, Трамп ќе треба да ѝ плати на писателката околу 5 милиони американски долари – 2 милиони долари за сексуална злоупотреба и околу 3 милиони долари за клевета

-

Судската порота во Њујорк го осуди експретседателот на САД Доналд Трамп за сексуален напад и клевета на писателката и колумнистка Е Џин Керол. Тој беше обвинет дека пред 27 години во соблекувална во стоковна куќа во Њујорк сексуално ја злоупотребил Керол.

Поротата го осуди поранешниот американски претседател за клевета бидејќи ги нарече обвинувањата на писателката „измама и лага“. Но, Трамп, сепак не беше осуден и за силување на Е Џин Керол, бидејќи станува збор за граѓански, а не кривичен случај, па оттаму, единствената правна санкција со која ќе се соочи Трамп е финансиската, јавува „Гардијан“.

Судијата Луис А. Каплан ја образложил одлуката со тоа што Керол требало да докаже дека Трамп имал сексуален однос со неа без нејзина согласност. Само во таков случај би била можна пресуда за силување.

Како компензаторна и казнена оштета, Трамп ќе треба да ѝ плати на писателката околу 5 милиони американски долари – 2 милиони долари за сексуална злоупотреба и околу 3 милиони долари за клевета.

Поротата, составена од шест мажи и три жени, ја донесе својата пресуда по помалку од три часа расправа. Во граѓанските судски процеси постои понизок праг за пресуда за вина отколку во кривичните судења – во граѓанското право, таквиот праг значи дека поротниците повеќе сметаат дека дејствието е поверојатно отколку поневеројатно. Во кривичната постапка, пак, вината мора да се докаже без сомневање.

Ова е прва пресуда која легално означува поранешен претседател на САД како сексуален предатор.

„Денес светот конечно ја знае вистината. Оваа победа не е само за мене, туку и за секоја жена која страдала затоа што не ѝ верувале“, рече Керол во писмена изјава по пресудата, пренесува Би-би-си.

Поранешниот претседател кој ги негираше обвинувањата на писателката, не присуствуваше на двонеделното граѓанско судење во федералниот суд на Менхетн.

По пресудата, 76-годишниот Трамп на својата социјална мрежа наречена „Truth Social“ напиша дека не ја познавал писателката Керол.

„Апсолутно немам поим која е оваа жена. Оваа пресуда е срамота – продолжување на најголемиот лов на вештерки на сите времиња“, напиша Трамп на својата платформа.

Во текот на судењето каде се појави само на видео, Трамп рече дека станувало збор за „најсмешната, најодвратната приказна“ и дека истата била измислена.

Правниот тим на колумнистката за време на судењето повика 11 сведоци за да ги потврдат нејзините тврдења оти Трамп ја нападнал во одделот за долна облека во луксузна продавница во 1990-тите години. Две од сведоците се жени кои исто така велат дека биле сексуално нападнати од страна на Трамп.

Поранешниот американски претседател во повеќе наврати во минатото беше обвинуван за сексуално вознемирување, нешто што тој секогаш го негираше.

Трамп во моментов се бори повторно да стане републикански кандидат за претседателски избори во САД – за оние што треба да се одржат догодина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...