Мини кујна, нови кревети и душеци, нови плакари, нови прозорци и врати, опремени заеднички простории за одмор. Сето ова го има во сите четири згради-блокови кои го сочинуваат студентскиот дом „Гоце Делчев“, изграден по катастрофалниот земјотрес, а пуштен во употреба пред точно половина век, во 1970 година. Во меѓувреме, никогаш од изградбата не беа направени потемелни реконструкции на објектите кои им биле дом на илјадници станари кои живееле овде во текот на студиите.

Просторот околу домот во моментов партерно се уредува, а она што е непроменето е студентската менза. Студентите со кои поразговаравме велат дека се задоволни од подобрените услови за живот во домот.

 

– Студент сум во четврта година. Сум живеел во неколку студентски домови, можам да кажам дека овде е најдобро досега, бидејќи се е ново. Ми имаат раскажувано дека во минатото родителите на своја иницијатива и со свои пари им ги средувале собите на нивните деца-студенти, бидејќи биле многу лоши условите за живот. Сега не е така. Само уште да знаеме да го сочуваме ова што го имаме, да не го уништуваме инвентарот – вели Горан М.

Во студентската менза сѐ како да е застанато во времето, бидејќи објектот не е реновиран откако е изграден. Но, храната што се приготвува е поквалитетна и побогата во споредба со претходно, барем така велат студентите. На мени за појадок денеска имаа да избираат – пржени и варени јајца, путер, зденка, кашкавал, јајца со виршли, сирење, паштети, јогурт, млеко…

– Сум бил и во „Пелагонија“ и во „Стив Наумов“ и сега овде во „Гоце Делчев“. Од Кавадарци сум, студирам на Економски факултет, четврта година сум. Можам да ви кажам дека храната оваа година е некако најдобра во однос на квалитет, а и изборот е поголем. Претходно и количински довивавме помалку, сега порциите се солидни – вели Гоце Наумов од Кавадарци.

Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски центар за „Мета.мк“ рече дека планира да го стави овој дом на booking.com, за да може секој, посебно во летните месеци кога собите се празни, да си изнајми соба. Едно ноќевање вели, ќе чини 400 денари.

– Во однос на храната, има значително подобрување и во однос на квалитет и на разновиност. За храна и за сместување студентот плаќа 3.400 денари месечно, а условите за живот овде се достоинствени и најдобри досега – вели Николовски.

Во минатото, студентите-станари во студентскиот дом „Гоце Делчев“ спиеја на скапани мандраци, во соби со прозорци што не дихтуваа, а мебелот беше стар и мувлосан. Тоалетите беа во ужасна состојба, студентите многу често немаа топла вода за да се искапат, ниту парно за да се згреат. Родителите на студентите, со одобрение на управата, многу често со свои пари варосуваа во собите, набавуваа мебел и покуќнина, за да можат нивните деца да имаат достоинствени услови за живот во текот на студиите во главниот град.

Државниот студентски центар, под чија надлежност се студентските домови во Скопје, е институција која пред две години имаше долг од 300 милиони денари. Директорот Николовски вели дека ако тогаш институцијата била тотално финансиски нестабилна, денеска работите се променети и долгот сега е преполовен и изнесува 147 милиони денари.

– Долгот за режиските трошоци беше огромен, сега го намаливме. Со тоа овозможивме да имаме една флексибилна институција. Сега веќе не се соочуваме со проблемите кои ги имавме, сега студентите имаат топла вода за капење, имаат парно греење. Студентскиот стандард е мој приоритет – додава Николовски.