На приведените двајца членови на Левица, Здравко Савески и Владимир Куноски, попладневно судот им одредил мерка домашен притвор и одземање на пасошите.
Сепак, иако веќе не се во полициска станица, одредена е мерка куќен притвор и за Здравко, и за Владимир. #Протестирам #Protestoj
— #Протестирам (@protestiram) April 25, 2016
Од судот потврдија дека судија на претходна постапка на Савески и Куноски им одредил мерка домашен притвор во траење од 8 дена.
Здравко Савески, член на партијата Левица, утрово беше повикан на информативен разговор, а потоа и приведен во полициската станица Пролет, поради учество во протестите против аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов.
Од МВР попладнево соопштија дека Савески се товари дека за време на протестот на 13 април, со дел од толпата демонстранти, влегол во народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, каде запалил фотографија со ликот на претседателот и фрлил предмет кон канацеларијата.
Од Левица на прес-конференција денеска изјавија дека апсењето на Савески е отворен прогон на членовите на партијата и претставува обид да се исплашат луѓето кои учествуваат и ги поддржуваат масовните протести на граѓанската иницијатива „Протестирам“.