Министерството за енергетика најави дека ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите- производители на 10 киловати и истовремено ќе се скрати рокот за издавање на дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици. Ова се предвидува во предлозите за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини веќе ги објави. Со измените потрошувачите-производители добија повисоки прагови за своите електрани и тоа за домаќинствата лимитот е до 10 kW, а за компаниите до 70 kW, додека пак, новиот рок од еден месец ќе се однесува на постапката за издавање дозвола за поставување соларна опрема со капацитет до 100 kW.
Со предлог измените се поедноставува и постапка за приклучување на електродистрибутивната мрежа на потрошувач-производител кој користи обновливи извори. Се предвидува во случаи кога не е можно приклучување на новите централи на предложената локација, да се предложи алтернативна точка за приклучување, а приклучувањето да се изведе во рок од еден месец.
„Со ова предложено законско решение се прави решителен чекор кон енергетска независност и интеграција на обновливите извори на енергија, намалување на потрошувачката на енергија, емисиите на јаглерод диоксид, на азотни оксиди, неметански јаглеводороди и честички и усогласување со ЕУ стандардите. Пакетот мерки истовремено ја јакне енергетската ефикасност и создава стабилна рамка за обновливите извори на енергија со директни економски и еколошки придобивки за граѓаните и бизнисите“, се вели во соопштение од Министерството.
Се предлага и изработка на дваесетгодишна стратегија за реновирање на станбени, јавни и комерцијални згради со енергетски ефикасни решенија, со која овие градби и станбени и деловни објекти ќе се трансформираат во високо енергетски ефикасни објекти со речиси нулта потрошувачка.
