Домаќинства кои имаат ниски приходи и домаќинства во кои единствен приход е пензијата на еден од членовите ќе можат да аплицираат за доделување на инвертер клима уред на огласот што го објавува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Право за добивање помош за купување инвертер клима со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+ има секое домаќинство со ниски приходи, чиј вкупен месечен приход минатата година не надминал 25.000 денари за едночлено домаќинство, 31.000 денари за домаќинство со два члена, 37.000 денари за домаќинство со три члена и 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена. Исто така клима ќе може да набават и домаќинства каде единствен извор на приход е пензија на еден член, која не надминува 15.700 денари месечно за едночлено домаќинство, 19.800 денари за домаќинство со два члена и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена и
Во рамките на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година министерството ќе доделува и финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи. Тоа се домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, со потполно слепо или потполно глуво лице.
Роковите за аплицирање се до 5 октомври 2025 година за инвертер климите и до крајот на август за финансиската поддршка за потрошена електрична енергија. Обрасците и изјавата се достапни на веб- страницата на Министерството, во делот Јавни огласи.
Од Министерството велат дека огласот има за цел да обезбеди заштита на ранливите потрошувачи кои се наоѓаат во состојба на енергетска сиромаштија, преку унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење на домаќинствата кои исполнуваат утврдени критериуми за ниски приходи или се социјално ранливи.
