Една година откако е донесен, Законот за урбано зеленило недоволно доследно се применува. Потребно е итно донесување на Правилник за урбано зеленило, кој е изработен од Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Законот наскоро треба да биде усвоен, како дополнување на постојниот Закон за просторно и урбанистичко планирање и да претставува основа за идна изработка на урбанистичките планови, порачаа од ДОМ од денешната конференција насловена како „Како да го зазелениме урбанизмот?“.

Според Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП, во иднина во рамките на изработка на Генерален урбанистички план (ГУП) ќе треба да се изработува стратегија за развој на зеленилото и во градовите каде има загадување, каде нема доволно проветрување, каде што има топлотни острови, да се инсталира ново зеленило или да се прошири постојното, да се рекултивираат запуштени, опустошени простори и диви депонии и на тој начин менувајќи ја микро-климата во градот да се справуваме и со климатските промени.

Правилникот предвидува Деталните урбанистички планови (ДУП) да имаат основни планови за зеленило, а новина на овој Правилник е начинот на кој ќе се планираат во иднина објектите. Тие ќе имаат обврска пред да се добие градежна дозвола да се докаже дека на ниво на градежна парцела имаме 20 проценти урбано зеленило. Тоа ќе се утврдува со соодветни формули со кои ќе се докажува дека навистина предвиденото зеленило ќе ги задоволува потребните микро-климатски потреби.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека законот сега недоследно се имплементира.

Според нејзе, работа е и на инспекциските служби да се обезбеди спроведување на одредбите според кои на ниво на ГУП задолжително да се проектира зеленило од 25 метри квадратни по жител, задолжително минимум 20 проценти по градежна парцела, да се воведе Зелениот катастар и заштита на дрвјата особено капиталните примероци, оние што се по обем поголеми од 40 сантиметри и над 1,3 метри висина.

Морачанин го пофали Град Скопје за работа на Зелениот катастар и на носењето на новите регулациски планови со кои се обезбедува поголема процентуална застапеност на зеленилото и Општина Центар која се зафати со ревизија на Деталните урбанистички планови токму со основ на овој закон.

Но, на прашање на „Мета“ како тогаш би го оправдале ставот на градоначалникот Петре Шилегов дека од 1.000 мапирани животно загрозени дрвја во Скопје ќе се ослободувале само 187, претседателката на ДОМ рече дека се работи за сериозен проблем и дека премногу често се соочуваме со префрлање на одговорноста од еден надлежен орган на друг, и тоа е еден маѓепсан круг од кој не можеме да излеземе.

„Затоа и со новиот Закон за инспекциски надзор кој веќе е во собраниска процедура точно ќе се лоцира одговорноста на секој од овие инспекторати иако и сега ништо не ги спречува за претставки од граѓани да реагираат, иако не се непосредно надлежни“, рече Морачанин.

Од ДОМ потсетувааат и дека предлог-законот за урбанистичко планирање за кој досега немаше политичка волја да се донесе, со подобрена верзија утре ќе влезе во законска процедура. Од оваа партија реагираа во врска со некои одредби на законот според кои се спротивни на Законот за животна средина, како на пример дека за носење на ДУП-ови не е потребна стратешка оценка за влијание врз животната средина и тоа се смени.

Некои одредби од тој закон суспендираа одредби од Законот за урбано зеленило, но ДОМ предупреди дека со тоа ќе се дозволи дивеењето на урбаната мафија, како и на опасноста од неконтролирано и по скратена постапка отворање на рудници со отворени копови и други проекти кои имаат негативно влијание врз животната средина подалеку од очите на јавноста.