Партијата ДОМ на пратеничката Лилјана Поповска денеска реагираше за вчерашното сечење на дрвјата кај ЗОИЛ. Во реакцијата се вели дека скопјани добиле грда велигденска честитка во вид на сеча на дрворедот кај ЗОИЛ и тоа во неработен ден, на Велики петок.
– Дали ова брзање да се исечат преостанатите дрвја во центарот е поттикнато од договорот Законот за урбано зеленило следнава недела да влезе во собраниска процедура и конечно да се донесе? Дали и зошто некому му се брза да го исече секое дрвце, дури не стане институционално заштитена категорија со закон? Изминатите денови законот заеднички се читаше и се усогласи на работна група со претставници од ДОМ, Градот Скопје, „Паркови и зеленило“, Агенцијата за просторно планирање и од Министерството за транспорт и врски. За законот се бориме повеќе од четири години, веќе две години е готов и е дел од коалициониот договор за парламентарните избори во 2014 година – реагира партијата која е дел од владејачката коалиција.