Долги редици пред салата „Борис Трајковски“ за подигнување на ваучери за инвертери

Иницијално беше соопштено дека граѓаните кои аплицирале за ваучер само денес ќе можат истиот да го подигнат, но потоа беше појаснето дека граѓаните ќе можат да ги подигнат своите ваучери до крајот на месецот од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

-

Денес пред салата „Борис Трајковски“ се формираа долги редици луѓе кои чекаа да си ги подигнат своите ваучери за инвертери, откако им стигнале пораки дека истите ќе можат да ги подигнат само во текот на следниот ден.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини пред неколку денови соопшти дека граѓаните кои добиле право на ваучер за купување и инсталирање на клима-уред инвертер ќе можат истиот да го подигнат во локалните Центри за вработување, освен во Битола, каде истите се подигаат во спортска сала „Боро Чурлевски“, и во Скопје, чии граѓани треба да се упатат во спортската сала „Борис Трајковски“. Конкурсот се одржа во февруари и граѓаните треба да го искористат истиот до крајот на месецот.

Фото: Мета.мк

Повеќето од гражаните кои чекаа пред „Борис Трајковски“ за Мета.мк рекоа дека чекале повеќе од два часа.

„Чекам веќе подолго време, ама рекоа дека ќе можело да се подигнат ваучерите и од Министерството, да не те излажам. Ама во државава знаеш како одат работите, посигурно ми е вака“, рече еден граѓанин за Мета.мк.

Во истиот момент, од салата излезе граѓанин кој штотуку го подигнал својот ваучер и гласно им најави на сите кои чекаат дека всушност може да се подигне ваучерот до крајот на месецот во Министерството за енергетика, „така рекоа од министерството внатре“.

Министерството во текот на денешниот ден соопшти дека денес не е единствениот ден за подигнување на ваучерите.

Сепак, граѓаните и понатаму не беа сигурни дали ќе ги добијат своите ваучери доколку не стигнат на ред денес. Некои рекоа дека добиле дополнителна порака дека ќе може и понатаму во текот на месецот да се подигне истиот, додека други рекоа дека не добиле таква порака.

Фото: Мета.мк

„Откако ќе влезеш внатре, брзо се завршува работата, не е толку без врска колку што изгледа од надвор. Им покажуваш лична карта, се потпишуваш и ти го даваат пликот со ваучер со твоето име“, рече друг граѓанин.

Подоцна во денот, пред „Борис Трајковски“ дојде и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Таа појасни дека нема рок за кога купените клими да се инсталираат, но дека рокот за да се купат е до крајот на месецот.

За овој проект се обезбедени 4,1 милион евра, односно 6,182 ваучери за купување и вградување на инвертер клима-уред. Повеќе од 18.805 барања стигнаа на јавните повици. Поконкретно, на огласот кој не е за ранливи потрошувачи аплицираа 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи се пријавија 4.305 баратели.

Предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања, а за домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион се предвидени ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони се предвидени по 23.000 денари.

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

За справување со пожарите и поплавите итно ни треба Национален план за адаптација

Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки...

Линеарното покачување на пензиите бара повисоки даноци и работен век до 67 години и за мажи и за жени

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, 2.500 денари во октомври и уште 2.500 денари во март в година, на долг рок ќе ја наруши одржливоста на Фондот за пензиско и...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината...