Долги редици и хаос во кумановската лабораторија: „Медицинските сестри работат и на шалтер и во кабините каде што се зема крв“

И покрај ваквата состојба, од кумановската болница го демантираат овој проблем, но од Министерството за здравство потврдија дека се запознаени со предизвикот и дека реагирале до Државниот здравствен инспекторат

-

За да се направат испитувања во лабораториското одделение во кумановската болница се чека и повеќе од три часа. Ова секојдневно предизвикува револт кај граѓаните – се жалат дека нема доволно медицински сестри и, како што велат, истите работат и на шалтер и во кабините каде што се зема крв. И покрај ваквата состојба, од кумановската болница го демантираат овој проблем, но од Министерството за здравство потврдија дека се запознаени со предизвикот и дека реагирале до Државниот здравствен инспекторат, пишува Порталб.мк.

Минатата среда (18.12.2024) новинарката на Порталб.мк го посети Лабораториското одделение во Општата болница Куманово, каде што можеа да се забележат долги редици од пациенти дојдени за испитувања.

Граѓаните кои ги сретнавме таму се пожалија на долгите чекања – од поднесувањето на документите на шалтер и од долгото чекање за да им земаат крв за испитување.

Како што велат, целиот овој хаос е поради недостигот на медицински сестри.

Граѓаните чекаат на ред за поднесување на документите на шалтер во Лабораториското одделение во Куманово / Фото: Порталб.мк

Жителката на Куманово А.А. ни кажа дека една од медицинските сестри која работи на шалтер, во исто време ги зема и документите и зема крв во другата соба.

„Како и секој ден, така и денеска во лабораториското одделение имаше недостиг на кадар, и што е уште полошо, недостигот на професионалност и однесување на персоналот, при што една од медицинските сестри истовремено работеше и на шалтер и ги примаше пациентите за да им земе крв. Ние, десетици луѓе и на различни возрасти, но повеќето беа повозрасни, бевме принудени да чекаме со часови за да дојдеме во ред. Ова чекање предизвика незадоволство, замор и стрес кај нас пациентите и на крајот моравме да се соочиме со нервозата на медицинските сестри“, изјави А.А.

Долгото чекање предизвикало стрес, нервоза и доцнење да работа и за Л.Р.

„Два часа чекав во лабораториското одделение и по долго чекање едвај ми дојде редот за да ги предадам документите и откако завршив со работа овде, морав да чекам во кабината за земање крв и таму една од медицинските сестри се изнервира и почна да вика без причина и ваквото однесување на медицинските сестри е на многу ниско ниво. Ова ми предизвика стрес, нервоза и доцнење со работа – и не само мене, туку и на сите други пациенти кои беа на ред“, изјави Л.Р.

Граѓаните апелираат и се надеваат дека ќе се преземат мерки за решавање на овој проблем за кој велат дека трае предолго.

Граѓани кои чекаат ред пред кабината за земање крв во Лабораториското одделение во Општата болница во Куманово / Фото: Порталб.мк

И покрај ваквата состојба на терен, од Општата болница Куманово се правдаат – велат дека има доволен број на вработени во Лабораториското одделение.

„Во лабораторијата има 18 вработени организирани во еден шалтерски центар, во посебни простории за земање крв во кабини и лабораторанти вклучени во работниот процес на биохемиската лабораторија кои работат во две смени. Моментално во лабораторијата има доволен број на вработени“, велат од кумановската болница.

Според болницата, долгите чекања во утринските часови не можат да се избегнат бидејќи пациентите доаѓаат со упати за лабораториски испитувања издадени при прегледите во болницата и од 80 матични лекари на територијата на Општина Куманово.

Што се однесува до новите вработувања на медицински сестри, од кумановската болница потенцираа дека се преговара за буџетски средства и одобрување на програми за вработување за фискалната 2025 година и дека следниот месец ќе имаат подетални информации околу оваа работа.

Но, за состојбата во лабораторијата е известено и Министерството за здравство од каде велат дека чекаат како ќе постапи Државниот здравствен инспекторат.

„За овој случај Министерството веќе реагираше до Државниот здравствен инспекторат кој е надлежен да врши инспекциски надзор и да постапува по вакви пријави. Ќе го следиме одговорот и постапките што ќе ги преземе Државниот здравствен инспекторат и дополнително ќе информираме за чекорите и решенијата што ќе бидат преземени“, велат од Министерството за здравство.

Инаку, во кумановската болница има и многу други проблеми. Во ноември, Порталб.мк пренесе дека во Одделението за офталмологија нема дежурни лекари и дека терапијата и прегледите ги вршат медицински сестри. И во јули граѓаните се пожалија дека нема апарат за ултразвук и се принудени прегледите да ги прават во приватни ординации.

Трамп го обвини Зеленски дека го загрозува мировниот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека го загрозува, како што тој го нарече, мировниот договор за завршување на војната во Украина, и даде најјасна најава досега...

Норвешка туристка алармира за нехумани услови во Скопската зоолошка градина

Норвешка туристка, Елена Хаген Мокошеин, испрати писмо до редакцијата на Мета.мк, заедно со фотографии, при што детално опишува сериозни пропусти во грижата за животните и недостиг на основни стандарди за нивна...

Земјотрес со јачина од 6,2 степени го погоди Истанбул и повреди повеќе од 150 лица

Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди регионот на Истанбул во Турција. Епицентарот на земјотресот во Турција е соопштено дека е на длабочина од 12 километри,...

Трејдинг за сиромашни – од живот без шеф до кампања за регрутација

Сѐ почнува со кратко видео: млада девојка во Дубаи, со лаптоп во скут и плажа во позадина, вели дека работи за себе, нема шеф и живее од тргување на берза. „И...

Трамп го обвини Зеленски дека го загрозува мировниот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека го загрозува, како што тој го нарече, мировниот договор за завршување на војната во Украина, и даде најјасна...