Околу 13,4 милиони документи, кои го претставуваат богатството на светските елити и начините на кои се криеле парите, беа објавени денеска од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и нивните партнери, весниците „Њујорк тајмс“, „Зидојче цајтунг“, „Гардијан“ и британскиот јавен радиодифузер „Би-би-си“.

Материјалите се добиени од двајца регистратори на офшор-фирми во 19 т.н. „даночни раеви“.

„Документите од рајот“ (Paradise Papers) покриваат 70-годишен период, а подготовката на податоците во нив за презентирање пред јавноста цела година работеле 380 новинари.

Од најновото откритие се дознава какви офшор-активности имале секретарите во владиниот кабинет на САД, советниците и донаторите, вклучувајќи ги тука и донациите од фирма чиј сосопственик бил зетот на рускиот претседател Владимир Путин.

Од „Документите од рајот“ се дознава и дека „Фејсбук“ и „Твитер“ примиле стотици милиони долари од руски финансиски институции.

Документите разоткриваат и како светските гиганти како „Епл“ и „Најки“ избегнувале плаќање даноци.