Документи што протекоа во јавноста покажуваат дека Албанија дозволила увоз на отпад во 2014 година и покрај фактот што таков увоз беше забранет од владата на социјалистите, кои беа на власт во 2013 година.

Според албанскиот портал „Лапси“, официјални документи од албанската царина покажуваат дека 333.553 тони различен вид отпад биле увезени во Албанија. Видот на отпадниот материјал варирал од пластика до гуми, што можело да предизвика високо ниво на загаденост кога се рециклира.

Увозот на отпад се случил во време кога албанската царина била под надзор на британската компанија „Краун еџентс“. Владата на Албанија потпишала договор со „Краун еџентс“ во декември 2013 година да го поддржи развојот на албанската царинска администрација, но по две години соработка, владата призна дека „Краун еџентс“ потфрлиле во својата мисија и не го продолжиле договорот.

Документите што деновиве излегоа во јавност ги наведуваат критичарите на власта на мислење дека албанската царина не можела да го контролира влегувањето на отпад во земјата дури и кога таков тип на увоз бил забранет.

Големи протести на активистите од граѓанскиот сектор кои се спротивставија на донесувањето на законот, се најавени за 1 октомври.