Босна Херцеговина сè уште се соочува со тешка еколошка и социо-политичка деградација што произлегува од последиците од балканските војни, неконтролираната експлоатација на ресурсите, ограничената еколошка свест кај политичките елити и слабата регулатива, сето тоа влошено од климатските промени, како што видливо се гледа во зголемените поплави во централна Босна. Индустриското загадување, реките затнати со пластичен отпад, уништувањето на живеалиштата од хидроенергетските проекти и уништувањето на шумите на античките места го загрозуваат здравјето на луѓето и регионалниот екосистем. Локалните еколошки организации и активисти се вклучени во континуирана, честопати опасна борба против моќните загадувачи и владината неактивност, при што Зеница, град кој е во центарот на вниманието во познатиот документарен филм „Небото над Зеница“, се појавува како симбол на оваа борба за еколошка правда.

Филмот фрла светлина врз индустриското загадување и запоставувањето од владата што ги мачат Зеница и нејзините жители, истовремено истакнувајќи ја храброста на локалните граѓани кои се борат за промени.

Во интервју за италијанската Обсерваорија за Балканот и Кавказот – Трансевропа (Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa – OBCT) зборуваат режисерите на „Небото над Зеница“, Златко Прањиќ и Нана Френк Молер и професорот предавач на Универзитетот во Зеница, Самир Лемеш, активист на Еко Форум Зеница.

Зошто „Небото над Зеница“ е толку важен филм за Босна и за светот?

Професор Лемеш: Овој филм е од суштинско значење за нас и светот бидејќи го префрла прашањето од локална на глобална сцена. Сега е достапен и на платформите за стриминг, што значи дека луѓето ширум светот можат да дознаат за нашите борби, кои се паралелни со оние на другите заедници кои се соочуваат со загадување од мултинационалните корпорации. Корпорацијата истакната во филмот, која има огромни операции во многу други земји – како на пример Белгија, Германија, Италија и Франција – се придржува до построги еколошки стандарди поради регулативите на ЕУ. Сепак, овде во Босна и Херцеговина, загадувањето е многу посилно бидејќи прописите се лабави. Исто така, филмот врши јасен притисок врз инвеститорите и засегнатите страни. Годишниот приход на корпорацијата е скоро 20 пати поголем од буџетот на нашата земја, што ја прави помоќна од нашата влада. За да донесеме промени, мора да се обратиме до посилни субјекти, како што се банките кои ги финансираат овие корпорации. Со истакнување на проблемот, филмот ги охрабрува финансиските институции да бараат подобри еколошки практики

Како локалниот активизам порасна на ова ниво и какво влијание се надевате дека ќе постигнете?

Златко Прањиќ: Локалниот активизам беше клучен. Активистите во Зеница не се поврзани со популарни меѓународни организации како Амнести Интернешнл, Гринпис или слични… тие се обични луѓе со ограничени ресурси. Сепак, тие успеаја да се соочат со глобалните корпорации и да ги предизвикаат политичарите соучесници кои ги предаваат нашите ресурси без еколошки заштитни мерки. Така, таков филм испраќа моќна порака до обичните луѓе: упорноста и колективната акција можат да постигнат ефективни резултати за глобалното добро и за заедниците вклучени во борбата.

Професор Лемеш: Тоа е исто така контра на распространетиот наратив за апатијата и нихилизмот овде. Многумина веруваат дека ништо не може да се промени, но нашата порака е јасна: останете тврдоглави, останете упорни и продолжете да туркате. Користете ја секоја достапна алатка… медиуми, филм, правни канали и меѓународни договори. Овој филм покажува до кој степен немилосрдниот напор може да доведе до вистински напредок дури и во најпредизвикувачките ситуации.

Како мислите дека филмот ја поддржа локалната борба против индустриското загадување во Зеница?

Нана Френк Молер и Златко Прањиќ: Документарните филмови имаат единствена моќ да истражуваат прашања на начини на кои секојдневните вести не можат, создавајќи трајни емотивни врски со публиката што може да доведат до вистинска промена. Шест недели по нашата премиера, фабриката за коксирање во Зеница се затвори. Ова се случи истовремено со тековната жалба преку Европската банка за обнова и развој, предводена од професорот Лемеш. Челичната корпорација ги наведе економските и еколошките причини за затворањето, но јасно е дека ова беше сложен резултат и на напорите на активистите и на институционалниот притисок. Исто така, се надеваме дека изложувањето на филмот може да поттикне понатамошна одговорност.

Кои се следните чекори за вашето движење и еколошка правда во Зеница?

Професорот Лемеш: Работата овде е далеку од завршена. Иако квалитетот на воздухот е малку подобрен, индустрискиот отпад останува огромен проблем. Фабриките сега имаат филтри, но тие мора постојано да се одржуваат, што бара постојан мониторинг. На глобално ниво, декарбонизацијата е неодложно прашање и поради оваа причина, се приклучивме на неколку сојузи фокусирани на декарбонизирање на производството на челик, а истовремено се вклучивме и во кампањи за подигање на свеста како „Сјајни тврдења, валкани пламени“, предводени од Fair Steel Coalition за да се изложат приватните компании кои тврдат дека користат зелена технологија, но ги занемаруваат влијанијата на производството на челик врз животната средина, здравјето и човековите права. ArcelorMittal, на пример, беше спонзор на олимпискиот факел во Париз, промовирајќи го како направен со зелена технологија. Меѓутоа, реалноста е многу поинаква: тие сè уште не ги исполнуваат еколошките стандарди во места како Зеница. Ги охрабруваме сите да погледнат подлабоко во овие иницијативи за да ја разберат целосната приказна зад таквите претерано означени „зелени“ тврдења.

Автор на интервјуто: Ана Лодесерто