Телевизија „Телма“ го објави документарниот филм „Кога здравствениот систем убава дете“ за малата Тамара Димовска од Велес, која имаше сериозен деформитет на ’рбетниот столб и почина чекајќи одобрение за седмата операција. Документарниот филм на новинарката Билјана Николовска, која ја откри приказната на Тамара, во целост ја објаснува борбата на Тамара со болеста и борбата што семејството ја водеше со институциите пред таа да почине од бронхопневмонија.

Во моментов филмот не може да се види и да се најде на официјалната веб-страница на „Телма“ и тој, најверојатно, ќе биде објавен откако ќе го репризираат.

Авторката Николовска вели дека сè што имала да каже, кажала со филмот, но дека би била среќна доколку тој придонесе нешто да се промени во системот и во институциите.

Во меѓувреме, како што велат од „Телма“, филмот бил неовлатено објавен на нечиј приватен јутјуб-канал, а во тек била постапка тој да се отстрани.

Два и пол месеци родителите на Тамара чекаа да завршат бирократските процедури околу праќањето на девојчето на операција во странство. Потоа, Фондот за здравство чекаше официјален документ од Клиниката за ортопедија и траумотологија, односно ново конзилијарно мислење.

Родителите постојано предупредуваа дека ситуацијата се влошува, дека искривувањето за една година двојно се зголемило – од 40 отсто на 80 отсто, притиска врз срцето и врз белите дробови и прави дополнителни компликации.

На 9 февруари Тамара почина, а две недели подоцна, по извршената обдукција, Институтот за судска медицина потврди дека причината за нејзината смрт е бронхопневмонија.

На 24 февруари, 15 дена по смртта на Тамара, оставка од фукнциите поднесоа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази.

Иако повеќе стотици граѓани, заедно со родителите на Тамара, неколкупати протестираа пред Министерството за здравство и во Велес и бараа оставка од министерот Никола Тодоров, тој изјави дека е разочаран, но дека не чуствува одговорност за смртта на Тамара.

За лекувањето на малата Тамара беа потребни 30.000 евра за седмиот оперативен зафат во странство. „Мета“ објави текст дека со парите за панорамското тркало, кое чини 15,5 милиони евра, може да спасат 516 деца како Тамара.